Јилдирим: Турција ја продолжува борбата против тероризмот

Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека во експлозијата на автомобил-бомба на југоистокот на Турција загинаа 18 лица, а дека 26 се ранети.

Јилдирим го осуди нападот и нагласи дека Турција ја продолжува борбата против тероризмот.
„Нападот го изврши бомбаш-самоубиец кој го детонираше комбето со пет тони експлозив“, им рече Јилдирим на новинарите.

Во нападот кој се случи во покраината Хакари ранети се 10 војници и 16 цивили.

Како што претходно беше наведено, експлозијата се случи кај градот Шемдинлија, во планинскиот дел на округот Хакари, недалеку од границата со Ирак и Иран, каде што се активни припадниците на Работничката партија на Курдистан (ПКК).

До експлозијата дошло кога комбе се залета во воен контролен пункт.

Турската агенција Анадолија наведува дека напаѓачите прво отвориле оган на војниците на контролниот пункт за да им го одвлечат вниманието, а потоа со комбе со експлозив влетале во пунктот и го детонирале експлозивот. Експлозијата направила кратер широк 15 и длабок 7 метри.