Јован Илиевски пред Наташа Габер -Дамјановска

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во вторникот попладнето за судија од Република Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур го избра Јован Илиевски.

На тајното гласање парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа одлучуваа меѓу кандидатите судијката во Уставниот суд Наташа Габер–Дамјановска, обвинителот од Одделот за организиран криминал и корупција Јован Илиевски и амбасадорот во Ватикан Звонимир Јанкуловски. Илиевски беше избран со 106 гласа наспроти Габер- Дамјановска која доби 86 гласа.

kandidati-strazbur

Ваквиот избор претставува своевидно изненадување, имајќи предвид дека Комитетот за избор на судии во Европскиот суд за човекови права, кој ги правеше интервјуата со кандидатите, со тесно мнозинство од гласови му предложи на Парламентарното собрание на Советот на Европа, за судија од Македонија да ја избере Дамјановска-Габер како најквалификуван кадар од Македонија.

Инаку, по првата поднесена листа од македонската комисија, од Стразбур беа вратени кандидатурите на директорката на Академијата за судии и обвинители Анета Арнаудова и судијката од Управниот суд Едита Накова.

Македонскиот судија ја презема функцијата од 1-ви февруари 2017 година, кога истекува деветгодишниот мандат на сегашната судијка Мирјана Лазарова-Трајковска- известува Макфакс

Инаку, овој неверојатен пресврт во изборот за една од најпрестижните судијски функции во Европа, патем и најплатена, е вистински шок меѓу правната фела кај нас. Уште повеќе што овде се знае како напредуваше во кариерата Илиевски, кој е баџанак на Сашо Мијалков.