Јовевски: Врховниот суд ја нарушува законитоста на јавните обвинителства, Собрание да даде автентично толкување

Врховен суд е ненадлежен да донесе одлука дали СЈО има законска основа да постапува по предмети за кои нема донесено обвинителен акт по истекот на законскиот рок од 18 месеци од преземањето на предметите. Како што изјави Јавниот обвинител, Љубомир Јовевски, тие ќе поднесат писмо со барање за автентично толкување до Собрание на РМ , кое е единствено надлежно за ова прашање.

СЈО може да продолжи да постапува по предмети на СЈО, само ако ова обвинителство го побара тоа од нив. Обвинителство нема намера и нема право да се меша во работата на ова обвинителство, рече Јовевски.

Јовевски смета дека Врховен суд нема надлежност да носи правна одлука за надлежноста на Специјално Јавно Обвинителство.

Целта на автентичното толкување на Собранието е да види кој е во право, како сега во случајот со различните толкувања на Врховен суд и на Јавно обвинителство.

Соопштение на ЈО:

Јавниот обвинител на Република Македонија на проширен колегиум со вишите јавни обвинители на Вишите јавни обвинителства Скопје, Гостивар, Штип и Битола и јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 7.2.2019 година заради законито постапување на обвинителството и нарушувањето на принципот на легалитет на кривичното гонење го разгледаа начелното правно мислење на Врховниот суд на Република Македонија донесено на 30.1.2019 година и донесоа заклучоци:

– Начелното правно мислење на Врховниот суд на Република Македонија ја нарушува законитоста во постапувањето на јавните обвинителства и судовите, поради што Јавниот обвинител на Република Македонија до Собранието на Република Македонија ќе поднесе барање за давање автентично толкување на член 22 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела  поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, согласно член 175 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.

– Начелното правно мислење на Врховниот суд на Република Македонија е донесено без да постои различна примена на законите од пониските судови и не се заснова на одредбите, смислата и содржината на Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела  поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и е противречно само на себе. Наспроти одредбата од член 22 од Законот, дека ова јавно обвинителство во рок од  18 месеци од примањето на материјалите и преземањето на предметите може да покрене обвинение или да донесе наредба за запирање на истражна постапка, во начелното правно мислење, и покрај тоа што тие се наведуваат како кумулативен услов, овој рок во мислењето се смета само од денот на приемот на материјалите, занемарувајќи го денот на преземањето на предметите. Со начелното правно мислење Врховниот суд излегол надвор од законските надлежности, толкувајќи конкретна законска одредба со што создадена е правна несигурност.

– Јавниот обвинител на Република Македонија и проширениот колегиум на јавните обвинители ги поддржуваат јавните обвинители да опстојат на законските принципи и постапувањето по предметите, а очекуваат дека  и судиите на пониските судови одлуките ќе ги засноваат на законот во функција на остварувањето на владеење на правото.​

Начелото на легалитет од член 39 од Законот за кривична постапка му дава основно право и должност на јавниот обвинител да ги гони сторителите на кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност. Ова основно право и должност на јавниот обвинител ја гарантира правната сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеење на правото. Поаѓајќи од ваквите гаранции и независноста на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, Јавното обвинителство на Република Македонија ќе ги преземе за натамошна постапка предметите за кои Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ќе се огласи за ненадлежен за натамошно постапување. Ова легитимно право на јавниот обвинител е засновано на член 21 точка 7 од Законот за кривична постапка, кој го определува јавниот обвинител како единствен тужител за сторителите на кривични дела кои се гонат по службена должност, разграничувајќи го приватниот тужител како надлежен за гонење на сторителите на кривични дела кои се гонат по приватна тужба.

Јавниот обвинител во постапките по преземените предмети, како законити ќе ги користи доказите и прибавените материјали, како докази прибавени на легален начин и во законита постапка.