Јордан Поп-Атанасов: Културата не е импровизација

Пишува: Јордан Поп-Атанасов

                После осамостојувањето на Македонија имаше големи турбулеции во културата и издаваштвото. Во тоа време, како студент на Електро-техничкиот факултет бев заинтересиран за техничкото обликување на книги со старословенско писмо, за која цел изработив бројни верзии на истото. Таму не смееше да има импровизација бидејќи и најмал пропуст го обезличуваше квалитетот и сериозноста на производот.

                После дипломирањето решив да не се вдомувам на „државни јасли“ туку мојот капацитет да го вложам во издавачката дејност и печатарството. Така, ја формирав издавачката куќа „МЕНОРА“ и почнав еден макотрпен процес за етаблирање во светот на науката и културата во Македонија.  Сакав да се специјализирам само како издавач на македонски автори од науката и културата, без комерцијални изданија преведени од странски јазици.

Во почетокот на работата, во средината на деведесеттите години на 20. век, како издавачи за издавање на трудови конкуриравме во две државни институции. И тоа, во Министерството за наука на РМ, во кое финансираа само печатење на книга,  затоа што книгите обично беа продукт на научни проекти финансирани од истото Министерство. Втората институција беше Министерството за култура  на РМ, кое финансираше печатење и авторски хонорар. Оваа сума, што ја даваше Министерството за култура, обично го покриваше делот за печатење на книгата и дел од хонорарот за авторот, согласно критериумите на Авторската агенција.

Формата на помош за издавачите наречена „Откуп“, се практикуваше за книги објавувани без никаков надоместок од Министерството за култура, а кои имаа импакт во македонската култура. Тоа беше своевидна инјекција и стимул за издавачите и издаваштвото. Но, со текот на времето откупуваните книги се намалуваа, за на крај и таквата помош за издаваштвото да замре. Дали денес пости таква акција не знам. Во истото време, се обраќавме за финансиска  поддршка за некој исклучително сложен проект во државни и приватни претпријатија, од каде во 90% од случаите нѝ беше одобрувана поддршка во висина на можноста на претпријатието. На тој начин, а издавачот и авторот на трудот имаа мотив за зголемување на обемот на работа. Сега ваков начин на поддршка веќе скоро и да нема.

Сето ова се случуваше во време кога буџетот на државата беше околу 800 милиони евра (ако се внесат и други фактори кои влијаат на вредноста на валутата би било денешна вредност околу 1 милијарда евра).

Со текот на годините финансирањето на книги од Министерството за образование и наука целосно прекина иако долго се појавуваше како законска обврска на Министерството кон издавачите и авторите. Дали и како се делеле средства за издаваштво во МОН, не можеме да посведочиме поради неговата затвореност за информации во текот на последните 15-тина години.

Истовремено, помошта во финансирањето на проектите од Министерството за култура,  кои како издавачи ги имавме собирано со години, постојано се намалуваше. И тоа по два основа: првиот, по број на трудови за кои се одобруваше финансиска поддршка, и второ, по висина на финансиски средства одобрувани како помош.

Секако, еден од најважните критериуми тогаш беше квалитетот на производот  т.е. книгата, како од аспект на квалитет на текст така и од квалитет на изработка. За тоа многу придонесуваше и  Министерството за култура кое беше флексибилно, кога стануваше збор за сложена техничка изведба на одреден труд.  На пример, кога во „МЕНОРА“ ја работевме една книга на пок. проф. д-р Сотир Голабовски од едицијата „Македонско црковно пеење“ се случи да задоцниме 1 година, тоа значеше дека сме работеле на книгата плус една година за исти пари со цел да го подобриме квалитетот, при тоа не барајќи доплнителни средствата. По предавањето на книгата во Министерството за култура немаше никаков проблем за исплата на средствата. Со текот на годините дури и да беше дозволено пролонгирање на рокот од страна на Министерството за култура, ние не можевме да си дозволиме зголемен обем на работа т.е. доцнење заради малите финансии за поддршка.

И додека буџетот на државата постојано растеше, средствата кои се издвојуваа за издавање на книги за македонски автори стрмоглаво паѓаа. Така, бројот на одобрени книги за финансиска помош од Монистерството за култура опаѓаше заедно со висината на средствата одобрени по книга.

Патем, колку за илустрација ќе посочам дека цените на хартијата за печатење од околу 45 денари за килограм се качи над 65 денари за килограм сега. Цената на лепенката што ја произведуваше „Комуна“ со одличен квалитет, поради уништување на фабриката, беше заменета со увозна со исто одличен квалитет, но двојно поголема цена. Така, постојано се зголемуваа трошиците за производство на сериозен и квалитетен труд на македонски автор, со оглед на малиот и затворен пазар.

Посебен удар за македонските издавачи беше експериментот на Владата на Груевски наречен превод на илјадници преводи, кои патем речено, беа фрлени пари во ветар.

За сметка на таа импровизација, висината на одобрените средсва за финансиска помош по книга постојано опаѓаа, до степен на понижување на авторскиот труд и до степен на неодржливост на издавачката професија. 

Со смената на власта во Македонија, очекувавме дека состојбите во културата ќе се сменат и дека на чело на Министерството за култура ќе дојде човек со познавање на проблемите во културата, каде спаѓа и издаваштвото.

 Имајќи го предвид краткиот период од седнувањето на министерската фотелја на Алаѓозовски, за решавање на проблемите во врска со националните приоритети во културата за минатата година, очекувавме обезбедување на сериозни критериуми, но и ниивно безусловно почитување. Наместо тоа, добивме шлаканица од новото раководство. Имено, како издавачи кои со години добиваа финансиска поддршка од Министерството за култура, само за неколку книги бевме непријатно изненадени дека требаше за финансиска помош да конкурираме само со 10 наслови. На тој начин, многумина од авторите останаа без можност нивниот труд да биде потпомогнат од Министерството, а доколку издавачите го самофинансираа изданието немаат начин да ги понудат за откуп бидејќи такво нешто сега не функционира. Авторите во тој случај, поради некомерционалноста на ваквите изданија, остануваа без награда за нивниот долгогодишен труд.

Друга е приказната ако авторите се вработени во јавните установи или се пензионери, па наградата на име авторски хонорар им беше дополнување на приходот. Во меѓувреме, Македонија доби буџет од над 3.7 милјарди евра. Енормна сума, во која средствата што се одделуваат за издаваштво перманентно се намалуваат. За издавачите, чија основна дејност е издаваштвото и кои издаваат некомерцијални изданија, какви Министерството за култура исклучиво би требало да финансира, стана невозможно да преживеат од својата работа. Од друга страна, се финансираат комерцијални изданија кои по својата комерцијалност можат сами целосно да се финансираат и опстојат. Делењето на финансиската поддршка на актуелниот начин од страна на Министерството за култура има само една порака: трудовите на македонските автори се непожелни.

И после овој исклучително сублимиран историјат за издаваштвото во Македонија, се задржувам на денешниве дни.

Како долгододишен издавач, изненаден сум од непознавањето на проблемите во издаваштвото, и општо во културата од страна на надлежните во Министерството за култура, кои оваа година ја осакатија македонската научна и културна јавност по многу основи. За да се поместат работите во позитива треба, прво да се направат критериуми, кои ќе важат за сите области од културата, па и издаваштвото. Еден од критериумите, секако,  треба да биде и портфолиото на издавачот затоа што реномиран и долгогодишен издавач вообичаено изработува поквалитетен производ. Во случајот на конкурсот напредок би било сумите по книга да се зголемат барем за 10% од минатогодишните, но и да има зголемување на бројот на финансиски поддржани проекти. Ова особено се однесува на средствата наменети за финансиска поддршка на  издавањето трудови од македонски  автори кои не се комерцијални, а имаат исклучителен придонес за културата.

Изјавата од типот дека ќе се преразгледаат одбиените проекти не придонесуваат за подобрување на состојбите во културата. Се додека одговорните во било која област се „послушени партиски војници“, се дотогаш нема да имаме сериозна национална програма за култура. Остануваат многу прашања и дилеми околу изјавите на одговорните за оваа папазјанија во културата, но ќе го наведеме, за нас моментално најактуелното: Кој ќе ги прегледува документите за одбиените проекти и по кои критериуми?

Втората изјава која ја прочитавме се однесуваше на тоа дека конкурсот ќе се поништи што би било прв чекор кон подобрување на состојбите, а вториот чекор би бил откривање и санкционирање на лицата кои ја доведоа до овој степен на понижување македонаката култура. И за крај, ние кога конкурираме од Министерството за култура побаруваме сума за поддршка а не за целосни трошоци за проектот. Ако цената се намали од страна на министерството до 2/3 од бараната вредност можеби може да е одржливо, но ако се даде 1/3 од побараните стедства веќе станува неодржливо.

Секако, моите познавања од издаваштвото и печатарството, анализите на сакатиот Закон за издавачка дејност и другите недоследности во издавачката дејност во Македонија, ги имам презентирано неколкупати пред лица кои можеа да помогнат во подобрување на состојбите во издаваштвото, но потфрлија.

Решенија има, знаење има. Само треба некој да сака да ги чуе за да не дозволуваме секоја година во Македонија резултатите од конкурсот за финансиска помош на проекти од културата да бидат недозволива и навредлива импровизација.

Јордан Поп-Атанасов, издавачка куќа ,,Менора“