Јоханес Хан дојде и си замина

Еврокомесарот Јоханес Хан гледа напредок во медиумите, прочистувањето на избирачкиот список, а очекува партиите да се фокусираат за решавање на бројот на избирачи на шестата изборна единица.

Тој смета дека изборите се важни, треба да се одржат кога е договорено, но уште поважно е да се обезбеди нивно непречено и регуларно одвивање и да се спроведат реформите во сите сегменти препорачани во извештајот на Прибе. Тоа се судството, медиумите и департизација на администрацијата.

Во однос на работата на СЈО еврокомесарот рече дека разговарал со обвинителката Јанева и според него важно е тие да ја работат својата работа непречено, а политичките партии да не ја злоупотребуваат нивната работа во свои цели.

Ова е од прилика сублиматот од денешната посета на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан по разговорите со лидерите на политичките партии потписнички на пржинскиот договор, специјаланата јавна обвинителка и претставници на невладиниот и граѓанскиот сектор.

Тој набрзина ја напушти прес конференцијата дозволувајќи само две новинарски прашања, со изговор дека има неодложни обврски.