ЈСП најави санкции за возачот доколку се утврди дека не му дозволил влез на Александар и на кучето придружник

ЈСП веднаш реагираше по објавата на социјалните мрежи во која Александар Велевски, кој боледува од церебрална парализа, се пожали дека и покрај уредбата на раководството на ЈСП да се дозволи влез за кучињата, тоа му било оневозможено в автобус со број 6.

,,СЕ УТВРДА ПРИЧИНАТА ЗОШТО НА АЛЕКСАНДАР И КУЧЕТО ПРИДРУЖНИК НЕ ИМ БИЛ ДОЗВОЛЕН ВЛЕЗ ВО АВТОБУС, ЌЕ СЛЕДУВААТ САНКЦИИ“-најави ЈСП.


,,Доколку се потврди дека возачот не го пуштил Александар со Бен да влезе во автобус, од нему познати причини, ќе биде соодветно санкциониран“-објави ова јавно претпријатие.

АКО.мк извести дека Александар се пожали дека ЈСП со број 7 не го пуштиле да влезе со Бен. Тој само пред неколку денови беше среќен и задоволен од одлуката на ЈСП да дозволи лицата кои имаат потреба, да се возат во градските автобуси со куче-придружник.

Пред три дена, ЈСП Скопје како општествено одговорно претпријатие, одлучи да им излезе во пресрет на лицата со посебни потреби со куче придружник и да дозволи влез на кучињата придружници во возилата на ЈСП и во кабините на Жичарницата, со која стопанисува ова јавно претпријатие

Одлуката е донесена со оглед на фактот дека кучињата придружници се од голема помош на посочената категорија лица и дека тие им се од голема корист како дополнително помагало во извршување на секојдневните обврски и активности.

ЈСП тогаш повика сите корисници на нивните услуги да се воздржат од негативни реакции доколку се доведат во ситуација да се возат со лице со куче придружник имајќи предвид дека кучињата се безопасни по околината, тие се специјално дресирани со намена за придружба и движење на посочената категорија лица, велат од ЈСП.