Љубчо Георгиевски на социјалните мрежи им дели лекции по историја на владините партнери

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, сега помал владин партнер преку коалицијата ,,ВМРО за Македонија“ со која настапи на последните парламентарни избори, секојдневно на социјалните мрежи ѝ дели лекции на Владата, во која патем има неколку директорски и други функционерски места.

Додека се кршат копјата меѓу бугарската и македонската преговарачка комисија, дали Гоце Делчев е Македонец или Бугарин, за Георгиевски нема дилема. Денеска го постави ова прашање до Владата.

,,Во информацијата декa Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Пере Тошев и да не ги редам сите биле учители, директори и главни инспектори на бугарската егзархија во Македонија, најстрашниот дел за еден човек со просечна интелигенција е :
Зошто тоа го кријат системски педесет години комунизам и триесет години демократија?????“-праша Георгиевски, кој беше дел од тие 30 години демократија како Премиер на Република Македонија.

Претходно, Георгиевски пбјави и дека Гоце Делчев сам се изјаснил како Бугарин, но не даде одговор зошто тогаш неговата борба била за Македонија независна од Бугарија.

Неговите коментари на ФБ предизвикаа полемика и критики упатени до него, зошто тогаш тој не го решил ова прашање кога беше премиер.