Ќерките на првиот неврохирург во Македонија проф.д-р Петар Рушков критикуваат за негрижа и непочитување

,,Се навршуваат две години од смртта на еден голем човек, кој направи многу за Македонија, а само на семејството му недостасува, нашиот сакан татко, проф.д-р Петар Рушков“-пишуваат во својот допис до медиумите ќерките на првиот неврохирург и основач на Неврохируршкото одделение во Државна болница, проф.д-р Петар Рушков.

Проф.д-р Петар Рушков

Тие прашуваат:

,,Дали знаете колку е тешко да растеш со татко кој е секогаш на работа, кој својот живот го подредува на сите луѓе, а најпосле на своето семејство? Е ние растевме со таков татко, на кој сите болни му беа на прво место и сигурно не знаете дека тој е првиот неврохирург во Македонија. Како би знаеле кога нема негов споменик, а најмалку слика во Неврохируршкото одделение во тогашната „Државна болница“, на кое е основач? Сигурно не го знаете, зошто не беше НЕЧИЈ туку СЕЧИЈ. За него сигурно и не знаете зошто не беше јавна личност, беше едноставен човек кој го знаеше вистинското значење на СВЕТИОТ ГРАЛ НА МЕДИЦИНАТА-ХИПОКРАТОВАТА ЗАКЛЕТВА .

Дали знаете колку непреспани ноќи имаше во својот работен век?

Во големиот 41 годишен работен стаж, сите луѓе беа повеќе со него отколку ние-неговите ќерки?

Дали знаете дека заради таа медицина, бевме лишени од неговото присуство и таткова љубов, дека израснавме и не можевме да му се радуваме како сите деца на својот татко. Сите БОЛНИ беа повеќе со него отколку ние, сите болни деца без оглед на националноста- беа бацувани и гушкани повеќе од нас-ќерките.

Можете ли да си го замислите— тој човек, дежураше непрекинато по повеќе од 48 часа, а неброено многу пати беа изодени и истрчани скалите во болницата, во која, сите лекари и медицински сестри чекаа на ред во едно мизерно сопче, еден по еден да се пресоблечат во своите униформи и со елан за работа да го започнат денот.  

А можете ли да си го замислите овој голем човек—МОЈОТ ТАТКО — кој спаси неброено многу животи, да чека фрлен по болници каде и почина, во кои „по клуч“ се примени лекари кои се полни со себе, и на кои им е најважно да продефилираат со белите мантили по ходници, нашминкани, со слушалките на врат како од евтините серијали и можете ли да си замислите (зошто јас, која израснав во тогашна Државна болница-не можам) „секој да си ги прима своите“, па ако ти се погоди лекар што не го познаваш-го обра бостанот.

Ние ќерките, целиот живот растевме без татко, бидејќи тој беше посветен на професијата, болните и ДРЖАВАТА заради која и остана, овдека во Македонија, а не дека немаше каде да оди.

Сите ги сакаше и лечеше, а само нас ни недостасува. Болката остана и не се намали.

Се потсетив на нешто што ми го кажа еден колега од работа. Лекарите се богови на земјата, зошто на земјата- тие располагаат со човечките животи, но господ пред смртта ги испитува и проверува какви биле за време на животот. Бидејќи беше беспрекорен, сигурно си меѓу ангелите.  

Почивај во мир, наш ангелу.

Ќерките“-пишува во дописот испратен до редакцијата на порталот АКО.мк

На интернет, за жал, не може да се најде многу за проф.д-р Петар Рушков.

Неговото име се спомнува во напис на порталот Дума, ,,Велес има значајни граѓани“, како еден од значајните велешани кои направиле многу во својата професија за Македонија….https://duma.mk/region/veles/18189-2016-02-20-09-57-05

(Писмото е испратено од Антоанета Рушкова)