Ќе се ослободи ли конечно ССМ од Живко Митревски?

По шестгодишно ,,лидерување,, на Живко Митревски и целосно пасивизирање на Сојуз на синдикати на Македонија, конечно нешто се случува во најстарата и најголема синдикална организација во државата.

Според в.д. претседателот на Синдикатот Дарко Димовски, избран на 13 ноември, седницата е свикана легално и тој е легитимно избран в.д. претседател на ССМ, со оглед на откажаната доверба од членството кон Живко Митревски.

По прес-конференцијата на Живко Митревски за одржаната седница на ССМ на 13 ноември која, како што рече, била свикана спротивно на Статутот и Деловникот на Синдикатот, со цел негово отповикување од функцијата, со допис до медиумите реагираше Дарко Димовски кој на таа седница бил избран за в.д. претседател на ССМ.

Тој тврди дека седницата била свикана согласно со Статутот и Деловникот за работа на Советот, со мнозинство присутни членови на Советот од десет грански синдикати, наспроти тврдењето на Митревски дека на седницата присуствувале само претседателите на четири грански синдикати, а 13 не биле известени.

– На седницата беше предложено од страна на советниците да се дополни дневниот ред со барање за одговорност на Живко Митревски. Притоа беше констатирано дека Живко Митревски подолг период одржува седници на Претседателството и Советот на ССМ без потребен кворум, носи одлуки спротивни на Статутот и на штета на поголемиот дел од гранските синдикати и издава имот во зградата на ССМ без одлуки на органите и телата, пишува Димовски во соопштението.

Според Димовски, на седницата на 13 ноември било констатирано дека Митревски ги поделил гранските синдикати здружени во ССМ, ги раскарал синдикалците и тие воопшто немаат меѓусебна комуникација“.

– Со оглед на тоа што Живко Митревски подолг период како претседател на ССМ и Советот, дејствуваше спротивно на Статутот и Програмата на ССМ и дејствуваше од партиски позиции, беше донесена едногласна Одлука за негово отповикување. Статутот на ССМ налага во ваква ситуација Советот да избере в.д. претседател на ССМ, Советот едногласно одлучи вршител на должноста претседател да биде Дарко Димовски, информира самиот Димовски, кој е и потпишан како в.д. претседател на ССМ на соопштението.

Врз основа на одлуката, било донесено решение со кое „Димовски се запишува како одговорно лице во ССМ“. Решението било доставено до Централниот регистер на Република Македонија на 14 ноември 2016 година.

– Централниот регистер не почитувајќи ги законските одредби се уште не ја има извршено промената, со што му нанесува штета на севкупното членство на гранските синдикати здружени во ССМ, наведува Димовски, најавувајќи дека гранските синдикати здружени во ССМ, чии членови на Советот на ССМ биле иницијатори за отповикување на Живко Митревски, во наредните денови ќе одржат прес-конференција за да ги изнесат на увид документите како доказ за статутарната одлука за отповикување на Митревски.

Митревски на прес-конференција рече дека Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) до Основното јавно обвинителство поднел кривична пријава против министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски за злоупотреба на службената положба и овластување затоа што, како што рече, врз основа на фалсификуван документ за донесена одлука од наводно одржана седница на Советот на ССМ, донела решение за негова смена од претседателското место.

Од Министерството за труд и социјална политика одговорија дека Митревски на таков начин го сменил претходникот Ванчо Муратовски.

„Ја информираме јавноста дека ниту министерот ниту претставници од Mинистерството имаат право да присуствуваат ниту, пак, присуствувале на седници на советот на ССМ и притоа да учествуваат или да влијаат на носењето одлуки кои се во исклучива надлежност на синдикатите. Истиот Живко Митревски нека се присети на 2010 година, кога во иста постапка го промени тогашниот прв синдикалец Ванчо Муратовски и наместо со решение од министерот, неговиот упис во Централен регистар е спроведен со заклучок како несоодветен правен акт во постапка за упис на одговорно лице“, соопшти кабинетот на министерката Ременски.

– Оваа најава за кривична пријава е основно непознавање на синдикалните акти и целокупната постапка од страна на првиот синдикалец-се вели во реакцијата од МТСП.

Сето ова, посочуваат оттаму, зборува за „очајниот обид за партиска мобилизација на сите одговорни лица од кои во иднина ќе се побара одговорност за финансиското работење, начинот на застапување на правата на работниците во Република Македонија и целокупното партизирање и рушење на концептот на синдикално организирање“.

Пред две години тогашен ,,Вест,, пишуваше дека првиот синдикалец д-р Живко Митревски се вози во два нови службени автомобила. Во еден како претседател на Сојузот на синдикати(ССМ), а во вториот како претседател на Синдикатот на работници од шумарството, дрв­на­та индустрија и енергетиката. Првиот е „мазда 6″, регистриран на по­че­то­кот на април, а вториот „пасат”, регистриран на крајот од март. Нов служ­бен автомобил „мазда 6″, регистриран на крајот на мај, има и за прет­се­да­те­лот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и со­ци­јал­на заштита Љубиша Каранфиловски.

Во изминатите 6 години Митревски негуваше добра соработка со владата на Груевски, уживаше на коктели и обожуваше покрај добри автомобили и убава гардероба.

Не одржа ниту еден протест, првомајските ги суспендираше со образложение дека е подобро да е разговара со владата, отколку да се протестира против неа и целосно го умртви синдикалниот живот и борба.

Редакција АКО-актуелно-објективно