Ќосето ли бе, Никола?!

Четири дена пред денот за гласање, претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на митинг од Делчево пред насобрани поддржувачи, повика на ликвидација на лидерот на опозицијата Зоран Заев. Така без ракавици кажано, може да се преведе пораката што ја прати одговарајќи на претходно дадената изјава на Заев од истиот град дека ако би можел Гоце Делчев да стане , би се срамел кога ќе види какви неранимајковци го користат името на ВМРО.

На ова Груевски одговори-,, Тој најде да го цитира Делчев. Јас ќе му кажам . Да беше Делчев жив, тој немаше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек”-му порача Груевски на Заев.

За оние што не знаат, во историјата Андон Ќосето бил еден од најпознатите терористи на ВМРО кон крајот на 19 век. Самиот во своите белешки напишал дека живеел 100 години и дека убил 100 предавници. Секоја наредба од организацијата ја извршувал без поговор.

Неговиот споменик сега се наоѓа пред комплексот судови, тој, егзекуторот со нож во рацете, каде исто така, судиите од тефтерчето без поговор, се уште ја извршуваат секоја наредба на модерните ќосиња.

Ништо не е случајно. А кога е од Никола Груевски, тогаш немам причина да не му верувам, затоа што тој самиот десет години не убедува дека најважен му е дадениот збор. Тој вели дека се што кажал исполнил.

Еве, и на своја кожа го почувствував ветувањето на Антонио Милошоски, дадено на Твитер во една прилика пред неколку години, кога нешто не му се допаднало во вестите на старата Телма, дека – кога ќе порасне Телма сака да стане А1. Тогаш, непосредно пред тоа, А1 беше ликвидирана, а сопственикот пикнат во затвор. Сега, старата екипа на Телма е ликвидирана, а кривичната за сопственикот е во фиока во судот пред кој е истопорен Ќосето.

Значи, јас им верувам и на Никола и на Антонио. Нивните закани секогаш се преточуваат во реалност преку извршителите. Никола си нарача немири и кршење пред општина Центар, извршителите спроведоа. Мартин си нарача војна, се случи Дива населба. Пак Никола си нарача уривање на Космос, Миле ми текна ја спроведе нарачката.Пак Мартин мртов студен вели дека треба да се убијат едно десет луѓе во државата, за да биде се како што треба….

Знам сега дека тој би си гризнал од едно место да може да го врати времето назад едно деноноќие и веројатно не би го рекол тоа со Ќосето во Делчево, иако, не се сомневајте дека го мисли. Отсуството на оваа вест од пропагандистичките медиуми, јасно кажува дека нивните извршители облечени во новинарски шинел, се обидуваат да ја минимизираат искрено дадената изјава на нивниот шеф.

Но, тој пораката ја прати. Порака за ликвидација на Зоран Заев. Првиот ешалон пропагандисти веќе ја поддржа, а Мартин и студентите на плоштадот и во библиотека ги почувствуваа нивните ќосевци врз себе.

На социјалните мрежи се упатуваат морбидни пораки по изборите да се раскрсти со предавниците на македонскиот народ – еден по еден.

Тие, ќосевци во 21 век-патриоти, ние-што не поддржуваме ќосевци, криминалци, ликвидатори, поделби, омраза, вработување со партиски книшки-предавници.

Ќосето ќе му пресуди некому на 11-ти декември. Нашиот глас е наше ќосе за ќосевци.

Емилија Лазаревска