Џафери: Пред 76 години ,,народот на Република Македонија“ недвосмислено застана против фашизмот

,,Имам чест и задоволство, во мое лично име и од името на пратениците во Собранието на Република Македонија, да Ви го честитам 11 Октомври, Денот на народното востание, симболот на борбата за слобода.

На овој ден, пред седумдесет и шест години, народот во Република Македонија јасно и недвосмислено застана против фашизмот, против најголемото зло во човечката историја, на страната на правдата, наспроти неправдата. Многу борци, знајни и незнајни ги положија своите животи во таа народноослободителна и антифашистичка војна.

Денеска, прославувајќи го 11 Октомври, ние оддаваме почит на нивното големо дело и на нивната пожртвуваност. Благодарение на нивната храброст и истрајност, Македонија е слободна и почитувана земја која чекори по патот на евроатлантските интеграции, кои се стратешка определба и врвен приоритет во развојот на нашата држава. Чекорејќи по тој пат, заедно, со меѓусебно разбирање, почитување и негување на различностите помеѓу сите граѓани, убедени сме дека оваа наша земја ќе биде заеднички дом на сите граѓани кои својата иднина и иднината на следните поколенија ќе ја гледаат во демократска, силна, модерна и европска Република Македонија!

Нека ни е честит и за многу години 11 Октомври!“

Ова е честитката  од претседателот на Собрание, Талат Џафери по повод големиот празник 11 октомври, востание на македонскиот народ во 1941 година, кога со нападот на прилепскиот участок и борбите во Куманово, започна востанието за борба против фашизмот.

Во Собрание на РМ , денеска ќе бидат врачени наградите за животно дело 11-ти Октомври на гитаристот Влатко Стефановски и на историчарот Амед Шериф.