Џолев: Пасошите на Груевски му се одземени, а за ,,Тенк“ обвинителството не побарало притвор

(МИА) Не може судот самоиницијативно да определува мерка притвор, тоа е секогаш по барање на Обвинителството. Во случајот „Тенк“ од самиот почеток на подигање на обвинението до соопштување на одлуката од страна на Обвинителството во ниеден момент не е побарана мерка притвор за обвинетиот Никола Груевски, изјави денеска претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.

Посочи дека двата пасоши на Никола Груевски и дипломатскиот и неговиот личен пасош се одземени и определена е мерката јавување во предметот „Титаник“, додека во предметот „Тенк“ нема никаков предлог ниту за обезбедување на некаков имот, ниту предлог за некакви си мерка за обезбедување негово присуство.

– Точно е дека МВР постапува согласно наредбите и решенијата коишто ги носи Судот, меѓутоа не треба да заборавиме дека постапува и согласно наредби коишто се даваат од страна на Обвинителството, како и самоиницијативно кога станува збор за сузбивање на криминал или спречување еве во конкретниов случај некое лице без пасош да ја напушти нелегално државата доколку се воспостави дека такво нешто се случува- појасни Џолев.

Во однос на објавата на фејсбук-профилот на поранешниот премиерот Никола Груевски во која вели дека е во Унгарија каде што побарал политички азил од тамошните власти, Џолев рече дека тоа треба надлежните државни органи најпрвин да го утврдат од каде е воспоставен линкот, дали станува збор за преусмерување на истрагата и слично.

– Во оној момент кога надлежните органи ќе утврдат дека обвинетиот не се наоѓа во земјата, или ја потврдат автентичноста на информацијата дека истиот се наоѓа во Будимпешта, и за тоа го извести судијата за извршување санкции, судијата веднаш ќе издаде наредба за распишување на меѓународна потерница – посочи Џолев.