11 Декември -Ден на ослободување од стравот

Дниве грипот и неговите додавки ме расшетаа по поликлиничките и клиничките ходници. А таму сѐ и сешто од народ. Меѓу нив, една пристојно спастрена млада жена ми приоѓа и почнува разговор со отровен тон:

– Извини, ти си ОНАА што пишува дека говорите на НАШИОТ премиер се пишувани на тоалетна хартија?
– Без извинување, да. Јас пишував за говорите на ВАШИОТ премиер. А која си ти?
– Јас сум ТАА што ќе ти каже дека тоа е НАШ премиер, на Македонија, на Македонците, а говорите може да му се напишани и на салфетка, дополнително се разжести ТАА.
– Кутрата, па премиер на Македонија е Емил, ѝ забележав на ТАА. А за него немам намера ниту збор да напишам.

Молскавично ТАА исчезна од мојот видокруг. Ми беше жал што ТАА не ги слушна моите аргументи за напишаното и пораката која што требало да ја прочита меѓу редови. Од друга страна, ми даде идеја да седнам и да им напишам на сите како ТАА едно објаснување.

А тоа би требало да тргне по редоследот на нештата т.е. од основата.
За таа цел на ТАА ќе ѝ предочам дека, како и во другите, и во македонскиот јазик постојат т.н. стилски фигури кои не се ни стаклени мачиња, ни папушлави кучиња. Тоа се семантички стилски изразни средства (тропи) т.е. изразни средства каде зборот добива поинаква смисла. Значи, тоалетната харија за која јас сум пишувала се однесува на важноста на документот или важноста на говорот кој бил изговорен, а не на материјалот на кој е напишан. Говорот на ВАШИОТ премиер можел да биде напишан и на пергамент, но неговата важност повторно да биде со употребна вредност на тоалетна хартија.

Еве зошто.
Прво. Во времето кога апсеа претседател на општински Совет во Скопје, тогашниот премиер на Македонија „собра“ многу директори, претседатели на Управни одбори и кого сѐ не. Им кажа дека треба да се работи чесно и достоинствено, да одлучуваат врз основа на нивните убедување во согласност со законите, да не дозволуваат притисоци. И отиде дотаму, да слушаат „дури и ако тие што ги вршат притисоците се повикуваат на мене“. Говорот во траорна атмосфера го слушаа без здив оние, врз кои ТОЈ правеше најмногу притисоци. Воедно повика за секоја злоупотреба на службената должност да се известат државните органи, да постапат согласно законите и да бидат казнети престапниците. И јас, сакајќи да ја дознаам ХАРТИЈАТА на која беше напишан говорот, пријавив неколку злоупотреби на службената должност и положба. И после ПЕТ години, спастрена ТАА, јас тврдам дека говорот беше напишан на ТОАЛЕТНА ХАРТИЈА.

Второ. Вашиот премиер со години се расфрла со вработувања, а спомнуваните цифри во неговите говори за нови работни места се вртоглави. Работните места ги нема или ако ги има се обезбедени за плакатолепачите, трговците со дипломи, сервилните членови на ДПМНЕ и ДУИ. Соодветно, говорите на ВАШИОТ премиер имаат вредност на тоалетна хартија. И, затоа катадневно ги гледам безизразните лица на родители чии деца шетаат по улици со сериозно одработени и заслужени дипломи. Уште почесто слушам за исклучително квалитетни млади, кои сами или со нивните семејства, заминуваат од Македонија. Затоа и во основните и средните училишта се осипуваат учениците. Резултат на тоа, е немањето на соодветен и квалитетен кадар, или уште попросто, тоа значи затворање на операциони сали, немање на гинеколози, немањето на инженери, професори…. А за сиромаштијата не вреди да се говори, бидејќи народот рекол и пресекол „колку посиромав народ, толку полесно го владееш“ или толку си помоќен. Моќта ја сфатија како начин за опстојба, оти плашејќи го народот со оној до нив, како и со одземање на работата, социјалната помош, тие си ги хранеа џебовите, сметките, патарините, фитнес салите, хациендите, бизнисите.

Трето. Во годините кога Вашиот премиер во своите говори пламено го „бранеше“ името на државата, штедро се плаќаа „монументи“ со кои на истата ѝ го даде името КИЧОДОНИЈА. И веднаш некој ќе скокне дека Скопје не е Македонија. Да, но со оглед на енормното количество на кич на секој чекор од градот во кој туристите задолжително доаѓаат, веќе станавме препознатливи во светот како „земјата на кичот“. За сметка на името, кое нему РЕАЛНО му ја има вредноста на ланскиот снег, дозволи да бидеме дупка на светот, но и предмет за потсмев. Затоа пак провоцираните кавги и расправии меѓу „ние“ и „оние“ им овозможи НИМ застрашувачка алчност, но и моќ. И пак назад, говорите во кои се одразуваше големата македонштина и борбата за името, сами ја покажаа вредноста и квалитетот на хартијата на кои беа напишани.

Несакајќи да ги пренапрегнам сивите клетки на спастрената ТАА, но не можејќи да премолчам ќе пишам накусо и за последните, РЕАЛНО, проштални говори на говорникот. Имено, вашиот премиер се појави пред јавноста во доцните часови на 11 Декември за да ја соопшти „победата“ на партијата која изгуби најмалку 10 пратеници. Меѓу другото, гордо истакна дека не само што ја победил партијата СДСМ, туку и многу поголеми играчи од нив. За момент помислив дека тој веројатно мисли на амбасадорите во Македонија и нивните држави. Но, сепак, кој би си дал таков автогол?

Ама овој говор го забибери со нов, пред ДИК. Во овој пак, изврши политичко самоубиство. Јасно, гласно и безрезервно ги отфрли и понижи оние кои 10 години го одржуваа на власт, мижејќи пред изборните нерегуларности. Оној кој живееше од милоста на милозливите, им возврати со отров.

Е затоа, стокмена ТАА, овие говори вредат колку соодветната хартија.

И пак, малку назад.
„Пукнаа бомбите“. Ги чувме, се запрепастивме, но се охрабривме од сознанието дека сме биле во право. Сѐ е лага и измама. Долгите и мачни говори почнаа да бледнеат, да ја губат замислената моќ, а со тоа и да се губи тлото под нозете од говорникот. Народот сфати дека на јадицата „раздели па владеј“, риболовците живеат како богови.
Се смени и перцепцијата и перспективата.

Дојде 11 Декември 2016 година.

Народот си кажа што сакаше да каже, кажа дека му е доста било кој со „сочни говори“ да го замајува и раскарува. Резултатот е таков каков што го видовме, иако сум убедена дека дел од вртимушките сега, на крајот на декември, би го свртеле опавчето, а сигурно би го преместиле и кругчето на гласачкото ливче. Се разбира, во овој меѓупериод активноста на вртимушките е најголема оти тие како „Оче наш“ ја знаат песната за „верни до гроП“ на секој кој е на власт.

Сосем друга песна се исплашените до коска, кои денес и утре би се окуражиле како и нивните комшии и пријатели. Исплашените и уценетите ќе посакаат да си ја вратат згазената чест и повторно да се почуствуваат достоинствено.

Како и да е, дниве на пазар отворено се коментира страотната вистина. НАРОДОТ НЕМА ПАРИ ЗА ЖИВОТ. Народот не купува подароци, скромно купува зарзават и емиш, не планира печени јагниња, прасиња. И ако тргнеме од историската вистина дека „СЕКОЈА РЕВОЛУЦИЈА ПОЧНУВА ОД СТОМАКОТ“, патот по кој чекориме е продолжување на започнатото коренито престројување на оваа држава кон нормална. А за да дојдеме до тоа, на народот му требаат говори во кои ќе се обзнани дека секој човек треба да има работа, пари за живот, пари за пристоен живот, пари за повеќе од пристоен живот. Говори од збор.

Тогаш ќе се потврди дека 11 Декември навистина бил ден на ослободување од стравот.

Спастрена ТАА, мислам дека овој пат е доволно разбирливо напишано.
За 2016 толку, вам ви посакувам среќна и бериќетна Нова 2017, вклучително и на ТАА.

проф.д-р Катерина Тодороска