Од денеска Европската Комисија предводена од Урсула фон дер Лајен го започнува својот петгодишен мандат.

Во овој состав на комисијата има 12 жени и 15 мажи.

Дубравка Шуица од Хрватска, поранешна градоначалничка на Дубровник е позиционирана на високото потпретседателско место во комисијата.

Ова се сите потпретседатели и еврокомесари: ec.europa.eu/commission/commissioners/2019-2024_en

Овој состав на ЕК ќе биде запаметен и по тоа што се водени најдолгите преговори досега, како и по инаугурацијата на првата досега претседателка на функцијата.

Таа и 26-те комесари беа поддржани од трите најголеми партии во Европскиот парламент – Европската народна партија, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите и Обнова наЕвропа.

Мандатот на новата Европска комисија ќе трае до 31 октомври 2024 година. Составот на новата Европска комисија беше одобрен од страна на ЕП и Советот на Заедницата во текот на изминатата недела.

Во Европскиот парламент, фон дер Лајен изрази благодарност за довербата на сите 24 јазици во ЕУ.

Комисијата е одобрена од 461 европратеник.

„Треба да им покажеме на нашите партнери во ООН дека можат да сметаат на нас како борци за мултилатерализам“, рече Фон дер Лајен пред европратениците.

„Можеме да формираме подобар глобален поредок. Ова е повик на Европа и она што ги сакаат европските граѓани … Ние ќе инвестираме во сојузи и коалиции за промовирање на нашите вредности“, уверуваше таа во својот говор.

„Ова е нестабилен свет каде премногу сили зборуваат само на јазик на конфронтација и унилатерализам, но тој е и свет во кој милиони луѓе излегуваат на улиците за да протестираат против корупцијата и да бараат демократска промена“, истакна претседателката на ЕК.

Фон дер Лајен во својот говор потенцираше дека вратите на ЕУ се отворени за земјите од Западен Балкан.

Ги идентификуваше климатските промени како приоритет на новата Комисија. Според нејзините зборови, тие се егзистенцијален предизвик.

Висок претставник на Европската унија за надворешна политика е Јозеп Борел, кој исто така е еден од потпретседателите на Европската комисија.

Бугарската комесарка Марија Габриел ќе биде одговорна за „Иновации, истражувања, култура, образование и млади“.

Другите членови на Комисијата се: Тиери Бретон (Франција), Хелен Дали (Малта), Валдис Домбровски (Латвија), Алис Фереира (Португалија), Паоло Гемтилиони (Италија), Јоханес Хан (Австрија), Фил Хоган (Ирска), Илва Јохана (Шведска), Вера Јурова (Чешка), Стела Кириакидис (Кипар), Инес Ленарчиќ (Словенија), Дидиер Ридерс (Белгија), Маргаритис Шинас (Грција), Николас Шмит (Луксембург), Марош Шефовиќ (Словачка) , Кадри Симсон (Естонија), Виргиниус Синкевичиус (Литванија), Дубравка Шуица (Хрватска), Франс Тимерманс (Холандија), Јута Упраилен (Финска), Адина Валеан (Романија), Оливер Вархили (Унгарија), Магрет Вестагер (Данска), Јануш Војчичовски (Полска).

АКО.мк, ЕК и агенции