125 граѓански и невладини организации бараат заштита на граѓанското општество

125 невладини и граѓански организации  од цела Македонија го потпишаа писмото со кое се обратија до домашната и меѓународната јавност за заштита на граѓанското општество.

Во јавното обраќање се вели:

,,Се обраќаме на јавноста во овие тешки времиња кога слободата на граѓанинот и граѓанското општество се под закана, за да ги зашитиме јавниот интерес и интересите на граѓаните. Со ова обраќање сакаме да потсетиме на потребата од заштита, зачувување и унапредување на граѓанското општество, наспроти заканите кон него, но и да ги отфрлиме неоснованите напади и лаги на кои е изложено.

Нападот на граѓанските органнизации не е само пропагандна вест за која се слуша по медиуми. Тоа е напад на граѓанското општество, на честа, достоинството и угледот на граѓани кои тука се родени, живеат, работат, плаќаат даноци, а своите работа и ангажман, професионално или волонтерски, ги посветиле на подобрување на животите на сите граѓани во државава поеднакво.

Во овие моменти треба да ни е јасно дека нападот врз граѓанското општество е напад врз најмоќната алатка на граѓаните со која тие, во периодот меѓу два изборни циклуси, имаат можност да ја контролираат и корегираат власта. Никој не треба да се плаши од корегирање на власта, напротив од тоа добиваат и граѓаните, и партиите, и властите. Граѓаните добиваат поквалитетен живот и поуслужни институции, а партиите и властите добиваат поголема доверба кај граѓаните.

Граѓанскиот сектор како важен чинител во општеството беше постојан коректив на сите власти од осамостојувањето на нашата Македонија до денес и страшна е помислата во кој правец може да оди државата доколку овој нејзин столб биде загрозен и ослабен.

Граѓанскиот сектор во Македонија го создадоа граѓаните, како резултат на одлуката од 1991 година за независна, плурална, секуларна и демократска држава. Граѓанските (невладините) организации се создаваа и растеа заедно со сите успеси и падови на ова наше заедничко општество, а водилка во нивното дејствување беше одбрана на правата и интересите на различните индивидуи, групи или заедници. Како резултат на овој искрен граѓански ангажман многу работи беа сменети во корист на граѓаните, а многу штетни политики беа спречени или ублажени.

Цврсто верувајќи во вистинските вредности на демократијата, во моќта на гласот на поединцеот и во вредноста на различните мислења, ги отфрламе и ги сметаме за неточни и тенденциозни обвинувањата за организациите од поширокиот граѓански сектор во Македонија со кои тие се етикетираат како „деструктивни инсталации, платеници и банди”. Целосно се неточни, погрешни и лажни вестите пласирани во јавност дека граѓанскиот сектор го контролира некаков „центар на моќ”. Не постои „центар на моќ“ кај граѓанските организации, зашто во концептот и идејата на граѓанското општество, единствената моќ ја имаат граѓаните. Дополнително, фактите од истражувањата за финансирањето на граѓанскиот сектор на Македонија говорат дека граѓанскиот сектор е поддржан од повеќе различни домашни и меѓународни институции, организации, компании и донатори, при што не постои доминантен донатор или поддржувач. Меѓу најсилните поддржувачи, секако се стратешките партнери на Република Македонија, а тоа се Европската Унија и САД.

За отчетноста и транспарентноста на организациите од граѓанскиот сектор говорат нивните годишни финансиски и наративни извештаи, организациските и проектните ревизии кои отсекогаш биле јавно достапни, како и редовното и темелно комуницирање со јавноста и граѓаните. Граѓанските организации редовно и навремено ги исполнуваат своите обврски кон државата и се залагаат за добро и транспарентно управување во сите сфери на општеството.

Оттука, оркестрираните државни контроли на финансиското работење на десетици организации во ист временски период остава впечаток на тенденциозно и намерно вршење притисок, предизвикување страв и нанесување штета врз слободниот граѓанскиот сектор.

Почитувани претставници на политичките партии во Република Македонија,

почитувани претставници на Владата на Република Македонија,

почитувани претставници на идната Влада на Република Македонија,

почитувани преставници на институциите на Република Македонија,

почитувани граѓани,

Во име на Уставот на Република Македонија, во име на уставно гарантираната слобода на граѓаните да се здружуваат заради остварување на своите права и уверувања и во име на неприкосновеното право на секој граѓанин да го искаже својот глас и да не биде обележан и осуден за тоа,

-Ве повикуваме да ги поддржите организациите, групите, заедниците и индивидуите кои активно се залагаат за демократските вредности во Република Македонија, да застанете во заштита и одбрана на граѓанскиот сектор кој 25 години дејствува како контролор и поддржувач на работата на институциите и да го одбраните граѓанското општество кое се залага за почитување на човековите права и слободи.

Поддршката на граѓанскиот сектор значи и поддршка на граѓаните – носителите на суверенитетот на Република Македонија.

Поддршката е нужна бидејќи граѓанскиот сектор е еден од трите столба на општеството, заедно со јавниот (државен, институционален) и приватниот (бизнис) сектор. Граѓанското општество е збир на индивидуи – како што сме сите ние, групи – како на пример земјоделците, заедници – како етничките или еснафските групи, движења – како на пример студентското движење и организации – во кои различни граѓани се здружиле. Сите ние го сочинуваме граѓанското општество и имаме улога различна од онаа на државата и бизнисите. Нашата улога е да ги претставуваме и да бидеме гласот и двигателот на интересите на граѓаните, особено кога тие се загрозени. Нашата задача е да бараме подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, да притискаме за домаќинско и одговорно работење на државата. Наша задача е и да го одбраниме овој наш граѓански сектор во овие моменти кога е видно загрозен.

Одбраната на граѓанскиот сектор значи одбрана на соживотот на граѓаните со различни етнички припадности, одбрана на заложбите за повисок животен стандард, одбрана на борбата против корупцијата, одбрана на праведното судење, одбрана на слободата јавно да го кажеме она што го мислиме, одбрана на еднаквиот третман во болниците, одбрана на образованието во кое никој нема да биде дискриминиран, одбрана на солидарноста и помошта што ја даваме  или примаме од нашите сограѓани.

Сега мораме да го заштитиме граѓанското општество во Македонија!“