2.500 евра казна за лицето што не ги почитуваше препораките за самоизолација

Основниот суд Кавадарци попладнето по итна постапка донесе пресуда,  со која лицето од Дебриште- Росоман,  кое беше обвинето за непочитување на превентивните мерки за ширење на корона вирусот,  е казнето со 50 дневни глоби или, судот му изрече казна во висина од 2500 евра, пишува КТВ Телевизија.

Ваквата пресуда е донесена по итна постапка,  со цел да се делува превентивно и сите граѓани да не го поврторуваат ова кривично дело – велат нашите извори од судот.

Обвинетиот умислено не постапил според писмената наредба на Министерството за здравство со која се определуваат мерки за спречување или сузбивање на пандемијата на опасна заразна болест – коронавирус COVID 19.

Имено тој влегол во државата на 16 март во 23:15 часот, враќајќи се од Германија како средноризична земја утврдена на листата на Светската здравствена организација. Притоа одбил да потпише изјава за задолжителна самоизолација и да ја прими писмената наредба на Министерството за здравство.

На 17 март во 13:00 часот, кога од страна на униформирани полициски службеници од ОВР Кавадарци е направена контрола во неговиот дом во с. Дебриште, Росоман, обвинетиот не бил затекнат во домот и телефонски изјавил дека е на истовар на стока во Струмица, пишува КТВ Телевизија.