25 години Канал 77

Првото приватно македонско радио Канал 77, со седиште во Штип, прославува 25 години од своето постоење. Својот јубилеј ќе го одбележат, како што велат, дома, во Штип.

Радио Канал77 започнува со својата работа на 4 октомври 1991 година, симболично кога на истиот датум 1957 беше лансиран првиот вештачки сателит Спутник. По неколку месечно емитување на експериментална програма, во Штип, Канал77 официјално почна со емитување на сопствена програма. Сè до 1995 година, Канал 77 работи како локално радио, кога во периодот од 1995—1997 година се гради мрежа за покривање на источниот дел од Македонија, со цел подоцна радиото да има национално покритие. Во 1997 година со усвојувањето на Законот за радиодифузија, Канал 77 станува првиот национален концесионер. Паралелно со развојот на Канал 77 се зголемуваа потребите од адекватен простор и негово проширување.

zgrada_kanal77

Денес радиото работи од Мултимедијалниот центар Канал 77 во Штип и студио во Скопје. Двете студија се меѓусебно поврзани со VPN конекција, виртуелна интернет мрежа и Centrex телефонија, што овозможува да се емитува програмата од двете студија на национално и регионално ниво, поединечно или заедно. Канал 77 важи за независна бродкастинг мрежа која покрива 100% од територијата на Македонија и 100% од популацијата со распространување на сигналот преку 21 трансмитери и 9 линкови.