Ериксон ја открива лагата на Чавков и Андонов

Компанијата „Ериксон“ не е сопственик , ниту пак оперира со опремата за Законско пресретнување на комуникации.

Со ваква информација излезе денеска  компанијата Ериксен  по драмата што се случи пред три дена во просториите на УБК кога СЈО бараше пристап до оперативниот систем по судска наредба.

Ериксон потврдува во официјалното соопштение дека на 19-ти октомври добиле службено барање од Специјално јавно обвинителство , по судска наредба на Основен суд Скопје 1, за техничка асистенција заради истрага и во врска со функционалноста на законското пресретнување на комуникации.

„Законското пресретнување на комуникации е задолжителна и стандардна функционалност во мрежите на јавната телефонија и телеком операторите и земјите во светот се обврзани да овозможат таква функционалност за локалните власти. Ериксон, како производител на телефонски системи и опрема, исто така, е производител на системи за законско пресретнување“-се наведува во  соопштението на компанијата.

Директорот на УБК, потоа поранешниот министер Чавков и сегашниот дополнителен заменик министер Андонов со образложение дека двајцата оператори кои имаат пристап до системите за прислушување не се тука, па дека треба да се чека дозвола од наводната фирма производител Ериксон и конечно дека ќе се наруши безбедносниот систем, не дозволија истражителите и обвинителите да се доближат до просторијата каде е сместен оперативниот систем.

СЈО воспостави дежурство за обезбедување на податоците што треба да ги запленат со судска наредба, но завчера УБК го одби барањето за натамошно присуство.

СЈО доби уверување и од министерот Спасовски дека бараните докази ќе бидат безбедни и на сигурно, но ситуацијата сега повторно се комплицира.

Кој и зошто лажел, се сега прашањата на кои треба да дадат одговор тројцата полициски раководители кои спречија целосно извршување на судска наредба.