Пред 4 дена во кривопаланечкиот рудник ,,Торница“,  загина рудар. Безимениот рудар во билтените, според официјалната верзија, бил удрен  при одрон на камења во ископ на јама на рудникот „Тораница“ во Крива Паланка.

Веста ја објавија од  компаниите „Минстрој“ А.Д. Софија и „Булмак 2016“ ДООЕЛ Пробиштип.

Рударот бил тешко повреден при „природната катастрофа“ и потоа починал како последица на сериозноста на повредите, наведува компанијата. За случајот известени се надлежни институции кои се на местото на настанот. Од компанијата изразуваат сочувство и жалење до семејството на рударот. Други сочувства, посета на семејството, нема.

28 август е прогласен и за Ден на рударите. Но, овој ден е неработен за православните верници, заради одбележување на христијанскиот празник ,,Успение на Пресвета Богородица“, .

По повод  христијанскиот празник „Успение на Пресвета Богородица“, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев изутрината присуствуваше на свечената литургија во црквата „Св. Богородица” во манастирот Јоаким Осоговски.

Во 09:20 часот Премиерот Зоран Заев дава изјава за медиумите.

Од 10:00 до 10:30 часот Премиерот Заев ќе присуствува на свеченото пуштање во употреба на новите сали на општината Крива Паланка, каде ќе има и кратко обраќање.

Работната посета на Премиерот Заев на Крива Паланка ќе заврши со едночасовна средба со младите жители на градот, односно од 11:00 до 12:00 часот.

Рударите не се на дневен ред.

,,Тораница“ сѐ уште работи. Другите рудници во овој крај се затворени.

Злетовските рудари го одбележаа Денот на рударите и нивната заштитничка Голема Богородица со низа на културно-уметнички манифестации во организација на општината, пренесува МИА.

Во рамки на одбележувањето на Денот на рударите синоќа се одржа свечената седница на Советот на општина Пробиштип на која присуствува и министрите за внатрешни работи и за здравство, Оливер Спасовски и Венко Филипче.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов додели награди на вкупно шест институции и личности кои дале голем придонес за општината. Во име на наградените се заблагодари Коста Балабанов, кој со своето лобирање ја донесе и една од најголемите инвестиции во општината, а тоа е Хидросистемот „Злетовица“, кој со вода за пиење треба да снабдува вкупно шест општини, а во моментов на него се приклучени само Пробиштип и Свети Николе.

Во општина Пробиштип во моментов работат рудниците „Злетово“ и „Стрмош’,  кој оваа година е продаден на странски инвеститор.

Рударската дејност е на тапет. Жители протестираат. Не ги сакаат рудниците во своја близина. 

Рударите работат за да обезбедат егзистенција за своето семејство. И тие веќе не се ,,херои“, како во социјализмот. Нивниот лик беше на банкнотите. Никнуваа цели рударски гратчиња. Имаа убави плати. Добиваа социјални станови. Бесплатна здравствена заштита, бесплатен одмор….

Старите вести од минатата година и пред тоа потсетуваат:

,,Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска во Скопје(28.08.2017) им врачи плакети на 18 најуспешни рудари и благодарници на шест здруженија и институции за посебен придонес во рударството во Македонија по повод Денот на рударите, 28 Август….

„Рударството претставува база за развој на индустријата во државата. Ова е важен стопански сектор, кој заедно со придружните, има над 10.000 вработени. Индустриското производство во секторот рударство во јуни 2017 година, во однос на јуни 2017 година, бележи пораст од 7,5 проценти, а прометот за истиот период пораст од 1,2 отсто. Затоа овој сектор се смета за еден од водечките сектори од индустриското производство и е од големо значење за македонската економија“, изјави Бектеши лани.

Претседателот на Македонската асоцијација за рударство, Николајчо Николов, рече дека чувството за одбележување на Денот на рударите е поматено со настаните во југоисточниот дел на државата(заради протестите против отворање нови рудници).

„Можеме да слушнеме секакви изрази кои директно ги погодуваат рударите. Мило ми е што во Македонија се буди еколошката свест, но во рударството работат околу 13.000 луѓе и имаме градови рудници. Без рудници само жителите и рударите знаат како ќе биде. Затоа ги повикувам сите што го квалификуваат рударството како ,,рудници на смртта’“ да внимаваат на своите изрази“, изјави Николов лани.

Оваа година, централната прослава за Денот на рударите е закажана за 31 август во Скопје, кога Министерот за економија ќе им ги врачи признанијата на најдобрите рудари.

Пред 4 дена во рудниот ,,Тораница“ загина рудар …

,,На 23.08.2018 година околу 21.25 часот во рудник „Болмак“ во Крива Паланка, Ј.П.(55) од с.Мождивњак, кривопаланечко, при работа паднал во јама и се здобил со повреди. На пат кон Здравствен дом Крива Паланка Ј.П. починал. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“-бележи билтенот на МВР…

,,Голема Богородица“ се смета за заштитничка на рударите.

Честит Ден на рударите на сите рудари во Република Македонија! Среќно!

 

АКО.мк (Е.Л.)