Македонскиот ликовен уетник, Роберт Цветковски, своето триесет годишно творештво неодамна го одбележа со самостојна изложба во неговото родно место, Крива Паланка.

Академскиот сликар Цветковски помести дел од своите дела во Центарот за култура во Крива Паланка, но и во галеријата на Градскиот музеј во Крива Паланка.

Настанот беше дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2019“ поддржано од Општина Крива Паланка и Министерство за култура, а го реализираа Центарот за култура, Градскиот музеј и Центарот за аудиовизуелни уметности.

На изложбата во Центарот за култура беше промовиран и каталог „30 години творештво на Роберт Цветковски“. Рецензенти на каталогот се Кирила Цветковска и Ѓорги Костовски.

– Преку своите уметнички дела Цветковски се поставува како предизвикувач на подлабоката мисла во замена за постојаната пофалба на вештачката продуктивност, наметната oд брзиот ритам на живеење, вели во поговорот Кирила Цветковска, историчар на уметност.

Според Ѓорги Костовски, Цветковски е слика на космосот, кој творејќи, ја открива секогаш повторно и одново својата природа и пак го остварува контактот со праизворот, проектирајќи се и остварувајќи се на платното.

Скромен во своите настапи во јавноста, раскошен во својот талент преку многубројните дела.

Академскиот сликар, Роберт Цветковски, специјално за АКО.мк



1.-30 години, се малку или многу за една уметничка кариера? Колку се искажавте преку платното за овие години, остана ли уште многу недоречено?

Р.Ц.- Секоја нова слика за мене е предизвик. Така како што јас се менувам секојдневно, така се менува и настојувам да го менувам тоа што го работам. Сметам дека имам уште многу предизвици пред себе.

2.-Што или кој е Ваш непресушен извор на инспирација?

Р.Ц.-Животот што го живеам или живееме сите ние заедно. Јас сум само хроничар на сето она што се случува во нашето опкружување. Секако и со секое ново патување низ светот акумулирам информации кои отпосле се рефлектираат во моето творештво.

3.- Успевате ли секогаш да воспоставите интеракција со луѓето од другата страна на платното?

Р.Ц.-Сметам дека досега успешно се надополнуваме со публиката. Реакциите се речиси секогаш бурни и емотивни, така што сметам дека целта во целост е исполнета после секоја моја изложба.

4.- Ми се чини човекот и природата се централни во вашите дела, колку личната емотивна состојба влијае на секоја Ваша уметничка слика?

Р.Ц.-Точно е дека се врзувам и за човекот и за природата, а токму преку материјата и бојата ги манифестирам моите размислувања и емоции. Некогаш мошне бурни, па дури и жестоки напливи на емоции, како што и сите ние реагираме во дадено време и во различни ситуации. Тоа може да се види во сите фази од моето творење.

5.- Разлика меѓу публиката во САД, Кина, Европа и оваа кај нас? Со која публика најмногу се разбирате?

Р.Ц.-Имам голем број приврзаници, љубители и почитувачи на делото кое го работам во неколку држави во САД и Европа. Но, исто така имам и голем број вљубеници на моето дело и кај нас, така што правило нема. Најголем проблем е да ги доведете луѓето во одреден галериски простор или во ателје, а кога тоа ке се случи комуникацијата продолжува на обострано задоволство.

6.- Кој период од Вашето творештво ви е најомилен и обратно, најтежок?

Р.Ц.- Секој период е специфичен сам за себе и има свои обележја. Поминав низ период на апстрактен експресионизам кој го завршив со една темна фаза (период) од моето творештво. Еден од најомилените периоди ми е циклусот со име ,, порака” кој го истражував скоро 15 години, а сега наизменично работам на циклусот ,,ден и ноќ” и отпочнав нешто сосема ново во циклусот наречен ,, несоница” кој се уште ме привлекува и ми дава неограничен простор за надградување на мислата и идејата.

7.- Одите низ светот, но секогаш се враќате во Крива Паланка?

Р.Ц.- За моја среќа често патувам, запознавам нови луѓе, посетувам музеи, галерии, приватни колекции, а потоа се враќам назад во моето ателје каде сите акумулирани искуства и сознанија ги преточувам во некои од моите нови слики и се надевам дека уште многу години ке продолжам да го практикувам ова, иако мора да се признае дека е неверојатно тешко од ваква средина да се изборите и истраете во овој уметнички свет. Но, јас продолжувам без компромис.

Роберт Цветковски е роден во 1965 година во Куманово, а дипломирал на Факултетот за ликовна уметност Скопје во 1989 година, во класата на Ана Темкова. Работи во Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка како ликовен педагог. Неговите дела се наоѓаат во приватни колекции на сите континенти. Цветковски е врвен академски сликар кој во својот творечки опус од тридецениското работење создал бројни дела претставени на десетици самостојни и  групни изложби, над шеесет интернационални ликовни колонии и пет перформанси. Постојани колекции со негови дела се изложени во Центарот за современа уметност Подгорица, во Турција, во Музејот на Град Скопје, Градскиот музеј Крива Паланка…

АКО.мк, Емилија Лазаревска