33.508 евра за гардеробата на Талевска претставени како основни средства за работа на ,,Смарт“

Во продолжение соопштението од СЈО за се што беше кажано на прес конференцијата во врска со 4 нови предмети на обвинителството:

,,Содржината на прислушкуваните разговори претставува сериозен извор на докази за сторени кривични дела на целата територија на Република Македонија.

Денеска ова обвинителство отвара четири нови истраги за четири лица, a во текот на наредните денови ќе биде поднесен обвинителен акт за предметот, познат како Транспортер.  Сите новоотворени истраги произлегуваат од содржината на прислушкуваните разговори, од кои дел  се јавно објавени.

Првоотворената истрага, која се води под името „Табла“  се однесува на кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик,  а постои основано сомнение дека е извршено од страна на Директор на Централно основно училиште „Реџо Рушит Зајази“  с.Зајас, Општина Зајас.

Имено, од доказите произлегува основано сомнение дека осомничениот на 28.06.2006 година во Кичево, како службено лице – Директор на наведеното училиште ја искористил својата службена положба и овластување и oвозможил  имотна корист за едно правно лице.

Постои основано сомнение дека без да се спроведе постапка за јавна набавка и спротивно на задолженијата дадени со решението од Министерство за образование и наука на РМ, осомничениот со намера правното лице БАУПРОФ ДООЕЛ Кичево да се стекне со имотна корист, склучил Договор за градење на нов училишен објект во с.Горно Строгомиште Општина Кичево, за износ од 12.346.394 денари или 200.000 евра.

Второотворената истрага, која се води под името „Триста“ опфаќа дејствие на извршување на едно кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на помошник министер во Министерството за внатрешни работи, во врска со јавна набавка што се однесува за 300 возила.

Имено, од доказите произлегува основано сомнение дека осомничениот во временскиот период од 23.06.2008 г. до 03.05.2012 г., во Скопје, како службено лице-Помошник министер во МВР, овластен со решение од министерот за внатрешни работи да ги спроведува постапките за јавни набавки во министерството, со искористување на својата службена положба и овластувања, при вршење на јавни набавки, го оштетил буџетот на РМ за износ 27.894.555 денари или 453.570 евра.

Воедно, постои основано сомнение дека со незаконското повластување и доделување на договори за јавни набавки за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за економските оператори Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје прибавил противправна корист, иако понудите што ги дале овие економски оператори не биле утврдени како економски најповолни понуди, што било единствен критериум за доделување на договор за јавна набавка.

Од доказите произлегува дека осомничениот спротивно на членовите 2 и 162 од Законот за јавните набавки го прифатил предлогот за избор на најповолна понуда на комисијата за јавни набавки даден во Извештајот од спроведената постапка, иако од содржината на Извештајот од спроведената постапка на комисијата за јавни набавки со сигурност знаел кои се економски најповолните понуди, сепак ја донел одлуката за избор на „најповолна“ понуда и склучил  договори со економските оператори и тоа:

–   со Порше Македонија ДООЕЛ Скопје склучил договор на 02.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 107.713.800 денари за 30 возила од Лот 1, 40 возила од Лот 2 и 20 возила од  Лот 3,

– со Колевски ДОО Скопје склучил договор на 02.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 21.448.800 денари за 20 возила од Лот 1,

– со Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје склучил договор на 02.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 36.178.202 денари за 5 возила од Лот 3 и 30 возила од Лот 2,

–  со Ка-Дис ДОО Скопје склучил договор на 03.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 68.561.400 денари за 60 возила од Лот 2,

– со Аутомакедонија АД Скопје склучил договор на 03.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 7.182.620 денари за 5 возила од Лот 3,

– со Авто Куќа ДОО Скопје склучил договор на 06.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 33.813.497 денари за 20 возила од Лот 1 и 20 возила од Лот 2 и

– со Аутомобиле СК ДОО Скопје склучил договор на 08.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 43.152.000 денари за 50 возила од Лот 1.

Заклучно со 03.05.2012 г. било исплатено вкупно 318.050.319 денари или 27.894.555 денари повеќе од збирот на економски најповолните понуди за трите лота што ги понудиле прворангираните економски оператори што изнесува вкупно 290.155.764 денари.

Доколку биле склучени договори со прворангираните економски оператори за секој од лотовите, што е и основата на Законот за јавни набавки, а не да се врши распоред по непостоечки критериуми, буџетот на Република Македонија ќе бил побогат за 27.894.555 денари или и 453.570 евра.

Суштината на наведеното е дека постои основано сомнение дека службеното лице од МВР злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања доделувало договори за јавни набавки на економски оператори кои немале економски најповолни понуди, односно без да го почитува утврдениот критериум за доделување договори за јавни набавки.

Третоотворената истрага, која ќе ја препознавате под името „Тотал“ опфаќа дејствие на извршување на едно продолжено кривично дело – Даночно затајување од член 279 став 2 в.в. со став 1 од Кривичниот законик, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на физичко лице како сопственик и управител на Друштвото за маркетинг ТОТАЛ МАРКЕТИНГ АГЕНЦИЈА ДООЕЛ Скопје,  управител на Друштвото за маркетинг и пропаганда ТОТАЛ МАРКЕТИНГ ДООЕЛ Скопје, управител на  Друштвото за маркетинг и истражување на пазарот МЕДИАМАКС ДООЕЛ Скопје и сопственик и управител на  Друштвото за маркетинг ТОТАЛ МЕДИА ЦЕНТАР ДООЕЛ Скопје.

Имено, од доказите произлегува основано сомнение дека осомничениот за даночните години 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014 и 2015 со намера тој и правните лица да одбегнат делумно плаќање на даноци, во книговодствената евиденција на друштвата, завршните сметки и даночните пријави давал лажни податоци за фактите од влијание за утврдување на износот на даночните обврски кои биле должни да ги платат, со што споменатите правни лица за наведените даночни години одбегнале да платат даночни обврски во значителен износ од 7.466.981 денар или 121.414. евра, а осомничениот одбегнал да плати даночни обврски во значителен  износ од 3.876.471 денар или 63.032 евра.

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека за даночните 2008 – 2015 осомничениот како управител на наведените правни лица, ја намалил основицата за пресметување на данок на добивка, го злоупотребил правото на одбивка на данок на додадена вредност и не пријавил лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход.

Имено, постои основано сомнение дека осомничениот ги користел правните лица како параван и всушност набавката на опрема и услуги за себе, го евидентирал како набавка за правните лица, иако три од наведените правни лица воопшто немале вработени за вршење на дејноста и за користење на опремата која ја набавувал, а во едно правно лице биле вработени двајца работници, и тоа едниот од август 2014, а другиот од септември 2015 година, што во конкретниот случај не е од значење за одбегнатите даночни обврски.

Таквите средства во книговодството ги евидентирал како основни средства, опрема, тековни трошоци, со што ја намалил основицата за пресметување на данокот на добивка. На ваквите расходи, кои не се признаваат согласно законот, бидејќи не се употребени  за дејноста на друштвата, и се работи за лични потреби, осомничениот го злоупотребил и правото на одбиток на влезниот ДДВ и ја намалил обврската и по тој основ.

Од доказите произлегува и дека износот за кој се набавени добра и се примени услуги, кои фактички биле употребени за лични потреби и согласно Законот за персонален данок од доход претставуваат негови лични примања, осомничениот не ги пријавил во годишната даночна пријава за тој данок и со тоа ја одбегнал и таквата даночна обврска.

  • За да биде појасно, осомничениот како управител на наведените правни лица, преку овие правни лица вршел набавки за себе лично, а затоа ќе Ви наведам неколку примери од асортиманот кој е купуван наводно за правните лица:
  • Два душека Меџик тач во вредност од 189,396,00 денари или 3.080 евра;
  • Рачен часовник Breitling во вредност од 144,027 денари или 2.341 евра.
  • Персиски теписи во вредност 285.000 денари или 4.635 евра;
  • Врвно дизајнирани и високо квалитетни кујнски садови во вкупен износ од 232.418 денари или 3,780 евра;

Со овие дејствија, како што наведов постои основано сомнение дека за правните лица осомничениот одбегнал даночни одбврски во вкупен значителен износ од 7.466.981,00 денари или 121.414 евра, а за себе самиот одбегнал даночни обврски во вкупен значителен износ од од 3.876.471,00 или 63.032 евра.

Четвртата отворена истрага, која ќе ја препознавате под името „Тифани“ опфаќа дејствие на извршување на едно продолжено кривично дело – Даночно затајување од член 279 став 2 в.в. со став 1 од Кривичниот законик, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на физичко лице како сопственик, управител и единствен овластен потписник на сметката Друштво за комуникации и консалтниг Смарт Центар ДООЕЛ експорт импорт Скопје и единствен овластен потписник на сметката на Друштвото за маркетинг и пропаганда Смарт Груп ДООЕЛ Скопје.

Имено, од доказите произлегува основано сомнение дека осомничената за даночните години 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013 и  2014 со намера таа и правните лица да одбегнат делумно плаќање на даноци, во книговодствената евиденција на друштвата, завршните сметки и даночните пријави давала лажни податоци за фактите од влијание за утврдување на износот на даночните обврски кои биле должни да ги платат, со што споменатите правни лица за наведените даночни години одбегнале да платат даночни обврски во значителен износ од 2.314.463 денари или 37.634 евра а осомничената одбегнала да плати даночни обврски во значителен  износ од 1.040.840 или 16.924 евра.

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека за даночните 2008 – 2014 осомничената како управител на наведените правни лица, ја намалила основицата за пресметување на данок на добивка, го злоупотребила правото на одбивка на данок на додадена вредност и не пријавила лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход.

Имено, постои основано сомнение дека осомничената ги користела правните лица како параван и всушност набавката на стока и услуги за себе, го евидентирала како набавка за правните лица, иако истите воопшто немале вработени за вршење на дејноста и за користење на опремата која ја набавувала.

Таквите средства во книговодството ги евидентирала како основни средства, опрема, тековни трошоци, со што ја намалила основицата за пресметување на данокот на добивка. На ваквите расходи, кои не се признаваат согласно законот, бидејќи не се употребени  за дејноста на друштвата, и се работи за лични потреби, осомничената го злоупотребила и правото на одбиток на влезниот ДДВ и ја намалила обврската и по тој основ.

Од доказите произлегува и дека износот за кој се набавени добра и се примени услуги, кои фактички биле употребени за лични потреби и согласно Законот за персонален данок од доход претставуваат нејзини лични примања, осомничената не ги пријавила во годишната даночна пријава за тој данок и со тоа ја одбегнала и таквата даночна обврска.

За да биде појасно осомничената, која е управител и овластен потписник на  споменатите правни лица,  преку овие правни лица вршела набавки за себе лично, а затоа ќе Ви наведам во неколку примери од асортиманот кој е купуван, наводно за правните лица:

долна облека за 500 евра;

  • облека, здолништа ,чевли, ташни, ремени  060.728,00    (33.508  евра)
  • очила, шминки, пудри                                        030,00     (1.009, евра)

Врвно дизајнирани и високо квалитетни кујнски

 садови и декоративни предмети                                  287,352,00     (4,672,00 евра)

  • точаци              046,00       ( 521,00 евра)
  • сигурносна врата                                                  600,00        (1,571,00 евра)

Со овие дејствија, како што наведов постои основано сомнение дека за правните лица осомничената одбегнала даночни одбврски во вкупен значителен износ од 2.314.463,00 денари или 37.634. евра, а за себе самата одбегнала даночни обврски во вкупен значителен износ од од 1.040.840,00 или 16.924 евра“-рече на прес конференција обвинителката Фатиме Фетаи.