37.551 гласови за поништување на Преспанскиот договор, поништување на двојазичноста, укинување на Охридскиот договор…

,,Феноменот“ Левица на овие избори успеа да се наметне и пред и после изборниот ден се чини најмногу со реториката на нејзиниот лидер, Димитар Апасиев, кој нималку не се колеба да објави, на пример, дека поднеле речиси 2.000 приговори до ДИК и да тврди дека му се украдени 3 пратеници.

Но, сѐ би било убаво, доколку правникот по професија не ги доставил приговорите до ДИК без основно оверување, негов потпис и печат на политичката партија што ја претставува.

Патем, ако сте имале можност да ја гледате седницата на ДИК во живо на која се одлучуваше по приговорите, ќе видевте фрапантен аматеризам на политичките партии при нивното поднесување. Ниту една од нив немаше материјален доказ за тоа што го тврдат во приговорите. Некои настапуваат со аргументот на силата, (како Јанко Бачев кој викаше , навредуваше и се закануваше), а не со силата на аргументите. Повеќето немаа ниту свои претставници кои ќе ги бранат наводите во приговорите.

Партиите кои поднеле приговори очекуваат тие да им бидат прифатени врз основа на нивната партиска и лична перцепција колку гласови требале да освојат или ветувањето на некои дека ќе гласаат за нив. Потоа, излезе дека ниту партиските членови не гласале за нив(партијата на Солза Грчева), бидејќи баш таму кадешто биле сигурни дека ќе освојат гласови имале 0 изборен скор. И не само оваа партија.

Дури и за правни лаици е изненадувачко однесувањето на една ВМРО ДПМНЕ на пример, која побара да се признаат неважечките ливчиња со заокружен реден број 14(бројот на гласачкото ливче на ВМРО ДПМНЕ) на кои гласачите ја чкртнувале придавката Северна од името на државата.

Членот на ДИК, Елизабета Постоловска, инаку предлог на ВМРО ДПМНЕ, рече дека иако самата би сакала да се во право со приговорот, нема никаква правна основа да се прифати и предложи едногласно да се отфрли, што беше и сторено.

Или на пример, партијата ГДУ бараше да се повикаат гласачите кои го дале гласот за нив во ДИК за да го потврдат тоа, бидејќи се уверени дека им се украдени гласовите, оти некои им потврдиле дека гласале за нив, а ги нема на контото?!

Овој повик е кривично дело, рече членот на ДИК, Постоловска и потоа приговорот беше едногласно отфрлен.

Да се вратиме на поентата од насловот на текстот.

Познато е дека ретко се читаат изборните програми на политичките партии. Но, ако гласачите на Левица ја прочитале, тоа значи дека гласале, меѓу другото во програмата, и за: (цитат од програмата)

  1. Поништување на т.н. Преспански договор и бришење на погрдниот назив„Северна“ од Уставот и укинување на Охридскиот рамковен договор како извор на консоцијалниот (сегрегирачки) етно-трибалистички карактер на политичкиот систем на Македонија, со враќање на чисто мнозинскиот карактер.
  1. Поништување на двојазичноста, како резултат на октроираната т.н. Тиранска платформа, и враќање на јазичните права на малцинствата во рамки на Уставот.
  2. Законска заштита и забрана за користењето на името ВМРО од страна на било која политичка партија, фирма или
    невладина организација – поради неговата злоупотреба во дневно-политички цели.
  3. Забрана на монолитни и чисто етнички партии и постоење само на идеолошки профилирани политички партии.
  4. Организирање на Република Македонија во една изборна единица и забрана за предизборни коалиции.
  5. Враќање на називот „македонски“ кој неосновано беше избришан од повеќе државни институции, установи и
    претпријатија (Македонски шуми, Македонски пошти, Македонска опера и балет, Македонски народен театар, Македонија пат и др.

Левица бара и процесуирање на незастарливите т.н. Хашки случаи од 2001 година(Мавровски работници, Водството на
ОНА и др.), како најтешки кривични дела извршени против човечноста и меѓународното хуманитарно право

Оваа партијаа, доколку освоеше доволно број гласови да биде власт, ќе иницираше ,,Кривичен прогон против сите учесници во илегалната и шверцерска промена на уставното име Република Македонија (премиер, министер за надворешни работи, пратеници, обвинители, судии, новинари, активисти и др.)“.

Ете тоа стои во политичката програма на Левица за која гласаа нешто повеќе од 37.000 луѓе.

Левица има два пратеника и ќе видиме како и на кој начин ќе ја реализира својата изборна програма и ветувањето кон своите гласачи.

Како и сите други партии и нивните народни избраници.

Емилија Лазаревска(ако.мк)