439 работници од РЕК кои биле на митинг на ВМРО ДПМНЕ барале боледување

На 21 ноември оваа година, на голем дел од вработените во РЕК Битола им било наложено, наместо на работа да одат на партискиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа во Охрид, изјави дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски.Тој рече дека го добил извештајот од трудова инспекција според кој 439 вработени од комбинатот се обиделе за тој ден да извадат боледување.

-Дури 439 вработени од РЕК Битола, наместо на работа, принудно биле на митинг на ВМРО ДПМНЕ, пополнувајќи околу 10 автобуси. За 361 од вработените, партиските шефови од ВМРО ДПМНЕ, отпосле се труделе да им извадат боледувања, да им потпишуваат слободни денови и одмор, но безуспешно. На неколку пунктови со стотици вработени воопшто не се водела евиденција, што остава сомнеж дека бројот на принудно отсутни е двојно поголем, рече Кирацоски.

Тој рече дека во пополнувањето на автобусите за митингот на владејачката партија, учествувала и Агенцијата за привремени вработувања ЗЕТА од која неоправдано отсуствувале половина од вкупно 138 вработени.

Кирацоски ќе поднесе пријава за истрага во РЕК Битола, а ќе го достави и извештајот од Трудовата инспекција.