54 медицински сестри и доктори пристигнаа во Скопје за испомош во неколку болници

Од вчера на ротација и помош во Скопје на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“ пристигнаа вкупно 54 доктори и медицински сестри. Тие веќе почнаа да работат, со што е намален притисокот којшто го имаше во изминатите денови. Веќе е направен план и за следни ротации и прераспределба на кадар, како од клиниките, така и од сите болници и здравствени домови од земјава. Во моментот капацитетите на клиниките и одделенијата се различно пополнети, во зависност од капацитетите, пополнетоста е далеку од максимумот, повеќето клиники и инфективни одделенија и покрај тоа имаат потреба од поддршка, од дополнителен број доктори и сестри и токму тоа се спроведе во изминатите денови,рече министерот Филипче.

„Во однос на реорганизацијата веќе разговарав и со приватните клиники и болници, кои го понудија и својот персонал како поддршка, за што и во овие денови кои се пред нас ќе направиме распоред, после што ќе ја известиме јавноста и по потреба и тој кадар ќе биде на помош во јавно здравствените установи. Направен е увид во сите јавни здравствени установи. Точно е проценет расположливиот број на кревети и персонал, и во однос на тоа состојбата е следна: на Инфективната клиника од вчера практично се користи и дополнителниот капацитет на монтажната болница со дополнителни 72 кревета, во овој момент таму се сместени тројца пациенти. Целосно е обезбедено ова одделение со доктори и експерти по инфективна медицина, колеги интернисти и медицински сестри. Целосно е опремено одделението со апарати за притисочна поддршка со кислород, пулсоксиметри, монитори и целата друга медикаментозна терапија којашто е потребна за третман на пациентите“, рече министерот Филипче.

Во однос на капацитетите во болницата во Битола, во овој момент се располага со вкупно 20 слободни кревети, а овој капацитет со дополнителен број кревети може да се надополни и од другите одделенија. Филипче напомена дека во оваа болница состојбата со кадарот е добра и истиот не недостига, дури и доколку се активираат поголем број кревети.

Во болницата во Кавадарци на располагање се 16 кревети, исто така, целосно е подготвен и персоналот, специјалисти интернисти и медицински сестри и во овој момент таму нема сместено пациенти.

Во тетовската болница има осум дијагностицирани пациенти. Со оглед на големиот број позитивни од овој регион, направен е план да се обезбедат до 100 слободни кревети, со заземање кревети од одделенија кои сега не се користат целосно, односно се ставени на некој начин во резерва.

Во Охрид има уште пет слободни места, меѓутоа во договор и секојдневна координација со болницата во Битола, се подготвени и двете болници во смисла на регионални центри, пред се за третман и на пациентите коишто доаѓаат од Струга и од струшкиот регион.

Во ГОБ „8 Септември“ каде имаше навистина голем притисок во изминатите денови има слободни кревети, близу 250. Сегашниот кадар е целосно посветен во третман на пациентите кои се таму сместени и во таа смисла, со поддршка, со дополнителен број лекари и сестри, веќе е направен список на колеги коишто ќе бидат на располагање, за да може да се сместат и нови пациенти доколку за тоа има потреба.

„Покрај персоналот, којшто го понудија приватните болници, може да се очекува доколку затреба да се искористат и нивните сместувачки капацитети. Засега тоа не е потребно, но го имаме во предвид како вкупна бројка на кревети, како и кревети за интензивна нега, нешто што го најавивме и што го сметавме како поддршка на нашите капацитети и на почетокот на кризата. Деновиве со сите директори на болниците сум во интензивен контакт. На дневна основа се прават овие проценки, организација, реорганизација, многу е важно состојбата да се држи под контрола и на дневна основа се прават планови, по потреба прераспределба и на пациентите кои што се сместени и секако на кадарот“, информираше министерот Филипче.

Тој посочи дека целиот менаџмент на клиниките и одделенијата е максимално мобилизиран и верува дека успешно ќе одговориме и на овој голем предизвик.

„Ова е најголемата здравствена криза во нашата земја досега. Никогаш не сме се соочиле со ваква здравствена криза. Не е воопшто лесно, но имаме и знаење и капацитет и начин на организација и план којшто веќе се спроведува за оваа криза да ја надминеме. Досега одлично се менаџираше кризата, го подготвивме системот за ова сценарио и сега го спроведуваме. Барам силна поддршка од граѓаните, од сите чинители во општеството за здравствените работници. Барам разбирање и трпение кај граѓаните, на кои заради оваа криза им се откажани претходно закажаните прегледи и интервенции и верувам дека ќе се вратиме во нормала брзо и тие повторно ќе имаат пристап до здравствените услуги, но во овој момент сите сили ги насочуваме за да излеземе од оваа криза“, изјави Филипче.

Денеска се правеа проценки и на бројот на пациенти коишто во следниот период би биле излекувани.

„Во следните седум дена очекуваме бројот на примени пациенти да биде поголем од бројот на испишани, и затоа овој бран и наплив во болниците треба да се издржи затоа што кажав дека има план кој веќе се спроведува, после овој период се очекува намалување на бројот на хоспитализирани пациенти“, истакна министерот Филипче.

Во однос на епидемиолошката крива, денеска се разговараше на состанокот на Комисијата за заразни болести, големо жариште во државата е Скопје, неколку скопски населби. Интензивно се работи на идентификација на контактите, со вообичаените пречки со коишто епидемиолозите се соочуваат, практично секојдневно. Интензивно се работи во однос на идентификување на контактите кои треба да се тестираат и другите коишто треба да се стават во изолација. Сите други градови и региони, освен Скопје и делумно Тетово, се стабилни, а на тоа укажуваат спорадичниот број случаи, и веќе идентификуваните контакти од каде новите случаи потекнуваат.