Советот за етика во медиумите и Здружението на новинари денеска го објавија Регистарот на онлајн медиуми.

67 портали се дел од овој регистар кој треба да биде показател дека ова се медиумите кои го поминале филтерот за професионални медиуми.

Постапката се одвиваше според критериумите усогласени меѓу СЕММ и ЗНМ по примери од практиката во развиените демократски општества и Советот на Европа, а беше консултирана и новинарската, медиумската и бизнис заедницата во државата. Целта на соработката со Стопанската комора е преку изработката на регистерот да се олесни пристапот до реклами на бизнис заедницата во професионални онлајн медиуми, наспроти оние кои не ги исполнуваат критериумите за членство и редовно ги прекршуваат етичките стандарди.

Се очекува регистарот на професионални онлајн медиуми да ѝ помогне и на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат наведените критериуми и се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење.

Критериумите според кој се селектирани порталите се:

Медиумот да има импресум, редакција, основач и контакт. Да има објавено ценовник за реклами или линк до ценовник на некоја агенција. Да им Главен уредник.

Порталите кои се членови на Регистарот на професионални медиуми потпишаа согласност дека:

  1. Ја поддржуваат саморегулацијата, Кодексот на новинарите и Статутот на СЕММ;
  2. Текстовите што ги објавуваат се потпишани од автор;
  3. Објавуваат информативни содржини од јавен интерес;
  4. Имаат ценовник за рекламирање;
  5. Имаат регистрирано МК – Domain;
  6. Ќе ги објавуваат одлуките на СЕММ и ќе се вклучуваат во процесот на медијација;
  7. При преземање содржини од други медиуми, го наведуваат изворот.

Претседателката на Управниот Однор на Совет на етика во медиумите , Катерина Синадиновска и претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски ги повикаа стопанските субјекти да го земат предвид овој регистар при рекламирањето, бидејќи така ќе го поддржат професионалното новинарство.

Политичарите да сфатат дека медиумите не се нивна алатка во политичката борба, туку субјекти кои служат за правилно информирање на јавноста.

Синадиновска и Чадиковски потенцираа дека ова е жив процес и регистарот ќе трпи промени, што значи отворен за други портали и затворен за оние кои нема да ги исполнуваат професионални стандарди.

Очекуваат поддршка од агрегаторите на вести и да одат во насока да им се даде целосен кредибилитет на медиумите од овој онлајн регистар.

Од почетокот на јануари ќе биде во функција веб-платформата www.promedia.mk, на која ќе има детали за сите членки на Регистарот, велат од ЗНМ.

ЗНМ ја објави листата на сегашните членки на Регистарот на професионални онлајн медиуми. Ова е линкот до табелата на Регистарот на професионални онлајн медиуми.

Табела – регистар

АКО.мк е дел од Регистарот на професионални онлајн медиуми во Македонија.

АКО.мк, Емилија Лазаревска