Вчера вечер, под покровителство на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Даут пашиниот амам се одржа јубилејната манифестација и изложба „Почетоци за паметење“ по повод одбележување на јубилејот „Седумдесет години Национална галерија на Македонија”.

Премиерот Заев изрази особена чест што во овие денови, кога целото внимание е насочено кон спроведување на клучните политички и општествени реформи, има прилика на целата македонската јавност да им го честита овој јубилеј и да им порача на сите, без разлика на времињата во кои живееме, дека делата кои ја отсликуваат вистинската природа и душата на народот, се вистински и бесмртни.

„Националната галерија на Македонија, и денес, како и пред 70 години, кога е основана, е истовремено неопходна и релевантна институција. Ова претставува потсетување и оддавање почит за огромниот вложен напор, не само од страна на тимот кој ја водел Уметничката галерија, туку и од страна на државните институции кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле Националната галерија денес да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија“, истакна премиерот Заев.

Тој подвлече дека ваквите национални установи, служат и помагаат на идните генерации да се поврзат со историјата и делата на тие кои живееле пред нас, а истовремено да градат интеркултурно општество.

„Овде, во Националната галерија на Македонија, од прва рака, со децении може да се почувствува врската помеѓу генерациите истакнати македонски уметници и нас, нивните потомци, и понатаму меѓу нас и нашите потомци. Националната галерија на Македонија, за нас претставува многу битна алка во развојот на меѓуетничкиот и мултикултурниот дијалог помеѓу разни групи и култури во нашата Република Македонија. Промовира посебно разбирање а со тоа и поголема вредност на нашето колективно културно наследство будејќи дополнително љубопитство еден за друг, за рефлексијата на нашето заедничко општество“, порача премиерот Заев.

За дејноста на институцијата славеничка говореше и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Таки Фити, кој подвлече дека МАНУ и НГМ имаат една природна, органска поврзаност.

„Уште во 1948 година кога беше поставена и формирана Националната галерија на Македонија, нејзините основни цели и задачи беа јасно дефинирани, да го евидентира националното културно богатство, да го собира, да го откупува, да го презентира пред пошироката јавност и се разбира да ги презентира и современите текови на ликовното творештво, и мислам дека ако се погледне развојната траекторија на оваа значајна национална институција, таа апсолутно ги исполни поставените и дефинирани задачи“, рече академик Таки Фити.

Директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими, во својот поздравен говор рече дека на изложбата се претставени 150 листови оригинална архивска документација од 1948 до 1956 година кои сведочат за успешната приказна поврзана со формирањето на галеријата, галериската збирка и начинот на раководење.

„Ние сме денес горди, но и исполнети со големо чувство на одговорност што на нашата генерација ѝ е дадена историска можност да биде современ дел од синтезата со големите основоположници на Галеријата, со нивната обединувачка акција и богатото ликовно творештво, пред сè со основоположниците на македонската ликовна уметност и на Националната галерија на Македонија: Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Димчо Коцо и другите уметници од тој период“, истакна д-р. Дита Старова Ќерими.

На јубилејната манифестација се доделија благодарници за долгогодишна и успешна соработка на Владата на Република Македонија, на претставници на дипломатскиот кор, државни институции и новинари, а учествуваше камерниот оркестар на македонската Филхармонија.