72 години од ослободувањето на Скопје

На 13 ноември пред 72 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.

По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.

Утрото на 12 ноември 1944 година, започнаа борбите за конечно ослободување на градот Скопје, а веќе наредниот ден во вечерните часови градот беше слободен.

Во ослободувањето на Скопје учествуваат Дванесеттата, Третата, Осмата и Шеснаесеттата македонска бригада, а градот го бранеа единиците на 22-та гренадирска германска дивизија (47-иот и 65-тиот полк) и делови од 11-тата воздухопловна десантна дивизија и други групи од разни единици. Пред Качаничката Клисура беше распоредена германската тврдинска бригада „Ангермилер“. Се проценува дека јачината на германските единици во Скопје биле сили на повеќе од една дивизија.

Борбата за Скопје почнала утрината на 12–ти во јужниот дел на градот. Додека единиците на партизанската војска брзо напредувале водејќи борби по улиците, окупаторот се повлекувал до порано утврдените згради. Третата македонска бригада која настапувала од правецот од Кисела Вода, се пробила до центарот каде го совладала отпорот на Германците. По заземањето на зградите дошле до кејот, каде што воделе борба за мостовите. Делови од 12-тата и 3–тата бригада отпочнале борба за железничката станица и Кранговата палата, а главните сили на 12-тата бригада воделе борба за зградата на Учителската школа и Поштата.

Во текот на 12 и 13 ноември се развиле жестоки борби. Одделни згради, како на пример Поштата, неколкупати преминуваа од раце в раце. Во овие борби голема улога имале диверзанстките групи од градот. Веднаш по продорот на единиците на македонската војска, тие се појавиле и ненадејно ги нападнале Германците зад грб.

Ноќта меѓу 12 и 13, и на 13 ноември борбите продолжиле низ цело Скопје. Меѓутоа, германските сили, што биле во северниот и во североисточниот дел на Скопје, како и во деловите на западниот дел на градот, успејале да се извлечат под заштита на тенковите и да отстапат во правецот кон Качаник. Германците што останале забарикадирани во разни згради, почнале постепено да капитулираат. Најдолго се спротиставиле Германците во Учителската школа и Поштата, кои капитулирале дури доцна во ноќта на 13 ноември, по што следува чистење на градот од одделни помали заостанати групи Германци.

Брзите и силни напади на партизанската војска, како и дејствувањето на 20-тина диверзантски групи (3-4 лица), кои ги пресекувале телефонските и телеграфските кабли, ги спречиле Германците да ги разурнат минираните згради , како и мостовите во Скопје.

Додека единиците на македонските бригади го гонеле непријателот од Скопје, Градскиот народноослободителниот одбор, на 13 ноември 1944 година, издал објава за првите мерки кои ги презела народната власт во ослободено Скопје.

Само неколку дена по влегувањето на единиците на македонската војска во Скопје, додека во околината продолжиле операциите за разбивање на остатоците на непријателските сили, во градот пристигнале членовите на Президиумот на највисокиот орган на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македнија (АСНОМ), на ГШ на НОВ и ПОМ и раководствата на голем број општествено – политички организации.

Во текот на Втората Светска Војна, за ослободувањето на Скопје, животите ги положија 4.654 негови граѓани, од кои 956 загинати во битките и 3.698 граѓани како жртви на фашистичкиот терор.

Последните десет години, актуелната владејачка гарнитура го минимизираше, дури и потценуваше придонесот на партизаните во ослободувањето на Скопје и Македонија воопшто.

Денеска, град Скопје го одбележува патрониот празник со неколку активности и доделување на 13-то ноемвриска награда.