Auf Wiedersehen Груевски!

 

 

,,Партиските лидери имаат обврска да бидат воздржани во реториката, да делуваат смирувачки пред своите поддржувачи и да не го закопуваат легитимитетот на државните институции“.

Ете тоа е само една од пораките на долгогодишниот стратешки партнер на ВМРО ДПМНЕ германската влијателна  политичка фондација Конрад Аденауер.

Јоханес Реј, потписникот на овие редови, пред изборите во септември имал средба со техничкиот премиер Емил Димитриев. Нема детали што разговарале, а ние не знаеме што му рекол. Но, по изборите, од  анализата на Реј дознаваме дека долгогодишниот германски политички стратешки партнер на ВМРО ДПМНЕ, на Груевски му вели збогум, не само довидување. Тоа всушност е директна порака од Ангела Меркел, бидејќи нејзината ЦДУ е основач и закрилник на Конрад Аденауер. Тие, од гласањето на изборите, читаат друга порака.

„Со големата излезност на изборите, гласачите ја покажаа својата зрелост и со својот глас побараа промени во политичкиот естаблишмент. Но, нивната желба за политичка стабилност и нормалност и натаму не се почитува. Личните интереси повторно се ставаат над   заедницата. Македонија загазува уште подлабоко во криза“, заклучува фондацијата „Конрад Аденауер“ во анализата за состојбата во Македонија по изборите.

Груевски, па  и ВМРО ДПМНЕ чиј заложник станува и таа, а не само државата, не сакаат да го видат ова. Закопани се во рововите од каде штрчат главите на Филип, Валентина, Антонио, Никола, Илија, Елизабета …од разбирливи причини, некои не сакаат да одат во затвор, некои не сакаат да се збогуваат од привилегиите и фотелјите.

Груевски знае дека говорот  пред  Државна изборна комисија го кажуваше качен на буре полно со политички лесно запалив барут. Говор-очаен и рамен на политичко харакири пред камери. Тој знае дека никој не му верува на заложбите за ЕУ и НАТО, ако притоа им објавува војна на сите земји членки на овие организации.

,,ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или преставници на други земји, а на кои се преговара или носат одлуки за кои во секоја држава одлучуваат претставниците избрани од народот”-рече Груевски.

Колку и да не им се допаѓа ова на генетски модифицираните патриоти, треба да знаат дека не може нивниот лидер да им продава магла на омразените странци. Не ја бива таа- парите  ќе им ги трошиме и разните донации со задоволство ќе  ги примаме, ама потоа ако може да не ни  се мешаат во штипките. Тие сакаат и чисти сметки и љубов од интерес. Или си со нив или не си. А ако сакаш да си во нивно друштво, тогаш ќе мора ди се делат истите вредности. Ако не, тогаш Auf Wiedersehen.

Сепак, самоизолираниот Груевски повеќе е разочаран што неговиот народ му откажува љубов. Дури и тој народец, што и лепеше пари на музиката пред просториите на ДИК, иако тој ќе беше посреќен да им лепеа шамари на предавниците од државните институции. За Груевски, нели, сите се предавници ако не се со него или барем не мислат како него.

Затоа Груевски е лут и скаран со целиот свет. Згора на ова, сега добива и санадерски пораки од Големата сестра од Германија.

Угоре високо, удолу длабоко. Што би рекол, нели, народот.

Или, го тепаат, но не му даваат да плаче.

Предлагам, еве ние, да му дадеме уште една шанса. Затоа нема да му речеме збогум.

Туку, Auf Wiedersehen Никола. Се гледаме пред лицето на правдата.

 

Емилија Лазаревска