In memoriam: Во чест на Горан Стефановски пишуваат Ристо Лазаров и Томислав Османли

Песна за Горан Стефановски

(насловна фотографија: Горан Стефановски со внукот Јавор)

Oстанав стаписан, пријателе драг и незаборавен, кога пред малку на порталите наши интернетски прочитав дека си заминал. Ете, тоа се тие вести на кои не треба да им се верува, што ако знаеш дека се точни… Ми се насолзија очите, Горане. И уште еднаш се уверив дека лажат тие што велат дека солзите не се за машко. Солзите не можат да се повелат… И ми се истркалаа недоброј сеќавања за недоброј наши дружби, од бифињата во Драмски и МНТ, од пробите на ,,Лет во место” во Младински и твоите новосадски триумфални денови, од домашните седенки и прошетките низ Аеродром во кој бевме комшии, од кебапчињата и шприцерите во Идадија, твоето Дебар Маало што го сочува на твојата имеил адреса, од Болоња 2000-та каде што, како и во повеќе други европски градови се играше твојата претстава за Европа… Крај немаат сеќавањата, сега речиси мигум претворени во река без враќање. Последниве денови бевме раздалеч, ама си пишувавме мејлови, ти мене – јас тебе, пред сѐ за радостите на живеачката, ама и за сопките, за сé… Последен пат, гледам во мејловите, ми пиша ти, на 12 октомври, беше тоа честитка за октомвриската награда, на која и беа придодадени зборовите: МАКЕДОНСКО ИМЕ НЕМА ДА ЗАГИНЕ. И нема. Сега тие ми звучат заветно, пријателе драг и незаборавен. Нема – отшто го има твојот грандиозен опус.

Сосема случајно, подготвувајќи една стихозбирка за Скопје, ја најдов, овде, надвор од татковината песната што сум ти ја посветил пред повеќе од 30 години, кога бевме комшии во Аеродром. И што е уште подрагоцено: ја најдов фотографијата што си ми ја пратил по имеил, како го думкаш внук ти Јавор. Има кој да продолжи по твојот пат. Почивај во мир Горане, за нас нема збогум.

СО ГОРАН СТЕФАНОВСКИ НА АВТОБУСКАТА ПОСТОЈКА ВО НАСЕЛБАТА „ЈАНЕ САНДАНСКИ“

Наместо навечер во театарското бифе
сè почесто се среќаваме наутро
на автобуската постојка
во населбата „Јане Сандански“
(не знаеме колку Јаневци има овде,
ама Јани има  многу).

Да бевме фудбалери
ќе си речевме трипати „здраво“
– и квит!
Вака, започнува утринската размена
на сношни звежи сонови.

Вкрстуваме во Приказната од Дивиот Исток
(диво месо, див исток, диви свињи
– здивена живеачка):
хистерични голи жени
сочни како праски;
машини за мелење на мечтите;
марципан од мелена коскена срцевина
што се продава зад свиокот во кесички
со задолжителна доза на индиски чај;
мечка и лав впрегнати во иста колесница
раноесенски галоп на елени;
расфрлани зборови на тротоарот
(нашински, англиски, арапски, секакви).

Под скршената улична светилка
си направивме остров од времето
(или: црна дупка, можеби?)

Добро утро џогери, добро утро мајстори!
Јасно е како два и два
дека од електричните бојлери дома
не тече црно тиквешко вино
(а и да тече: кој ќе си ги мие утре
толку долго забите пред одење на работа?)

Уморни лица не гледаат преку автобуските прозори.
Одвај забележуваме:
го испуштивме и овој автобус
за театарското бифе.

Посветено од РИСТО ЛАЗАРОВ, писател, новинар, публицист

 

 

ВО ЧЕСТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

Вчера, Горан Стефановски ја премина рампата и замина на онаа страна, во длабочината на сцената, кајшто сенките се густи, а лесни, и каде, за разлика од тука каде се’ подлежи на брз заборав и покрај толкавите количества на страст, на љубов, на завист и на омраза, тие таму живеат во вечно славје и осенчаност. Замина во македонскиот дел од царствата на Елсинор, му се придружи на Хамлетовиот татко; му се придружи македонскиот Шекспир на кој неверојатно личеше според физичкиот лик, нему и на своите Стрезо, Кољо и Алтана, Михајло и Султана, на своите драмски татковци и духовни деца (и обратно), на својот сопствен татко, на мајка си која таму ја игра својата ролја во некоја македонска тревожна свадба… Замина како наш најголем драмски автор кој, на оваа страна со леснотија се дружеше со пријателите меѓу обичните луѓе, меѓу своите студенти, меѓу творците и интелектуалците, во Скопје, во Дебар маало, во дискретните кафеански дружби, беспрекорно уживаше во делникот, создавајќи драмски дела за вечноста во која, оставајќи не ’ вчудоневидени, тој вчера зачекори.

Останува незаборавен по сјајните драмски текстови што му ги остави во наследство на овој и на другите европски театри, по неговите драматуршки учења и примени на малите и на големите стапици во своите драми и сценарија, по генерациите исклучителни студенти и автори кои ги произведе, по неговите телевизиски драми, по неговите анализи на Бекет, по игривиот дух на Јане Задрогаз, по преродбата на македонскиот фолклор и по неговото доближување со реч, со дух и со приказна, кон новите генерации (самошто почнати да се одвојуваат од него), и едновремено, по неговиот рокерски сензибилитет, по текстовите за „Леб и сол“, по топлиот младешки сон во кој се Битлси и Клубот на осамените срца на наредникот Пепер во неговиот „Лонг плеј“, по асоцијативна моќ, богата, чиста, ослободена од цензура, интелигентна и интелектуална, духовита, којашто богато разгргорена се појавува и во незаборавниот софистициран „прустов прашалник“ (телевизиски, на малите екрани во осумдесеттите) на којашто почива и неговата „драматургија на ѓеврекот“ за која зборуваше по повод неговиот „Чернодрински се враќа дома“ („земаш една дупка и околу неа ставаш тесто“) применета во „Бушавата азбука“…, а за мене особено по сјајните мисли и заклучоци во разговорите, по желбата нашите електронски преписки, „сега на лето“ да ги продолжиме во некоја кафеана на брегот на Охрид пиејќи ракија и јадејќи плашици, по мејлот чијашто идентификација беше debarmaalo@…

И ете од вчера – се уште не ми се верува – замина, отаде рампата. Мајсторот. Оној што ги прими здивовите на театарската сцена од најмали нозе, се врати на овој тревожен начин, дома, меѓу ликовите на загубените блиски кои сакаше да ги оживее во театарскиот сон, но и на оние на кои самиот им вдахна дел од тие здивови на претците, што со таква леснотија ги оживуваше и им вдахнуваше оловна тежина и човечка топлина… Има таму некое Дебар Маало во кое, среде вечното лето, седејќи покрај охридското езеро распослано од Тафталиџе до Идадија, говори, грицка плашки, се насмевнува, пие ракија и испраќа пораки дека сме такви какви што сме, летачи во место, богати во фолклорот, скудни во произведувањето државници и визионери, заложници на духот на слободата, на проклетството на историјата, раскошни во пцовките и во љубовта, во страста и во омразата, во храброста на делникот и во дуплите дна на историјата, летачи во место, жртви на црните дупки, луѓе со тетовирани души, но и со висока верност, поделени меѓу Истокот и Западот, актери во нашиот вечен „Истерн“, повремено актуелизиран како крвава приказна, како драма и како трагична фарса со кои сме вековно богати меѓу народите и културите на стариов свет и полуостров…
Сега жестоко посиромашни за уште еден великан кој со своето присуство го облагородуваше делникот, за Горан Стефановски за кого отсега натаму ќе говрат неговите дела и нашите топли сеќавања.

Томислав Османли

Image may contain: 4 people, people standing and suit